Битолчанецот Николче Чкламовски со велосипед по стоти пат го искачи врвот на Пелистер на надморска височина од 2.601 метар. 42-годишниот Чкламовски патот го мина низ стрмен терен што бара огромна издржливост и кондиција, а горе на Димев Врв, именуван во чест на македонската планинарска легенда Димитар Илиевски-Мурато, заедно со пријателите прославија со шампањ.
„Не е едноставено да се стигне до стотка. За време на потфатот кој се случи пред еден месец, околу роденденот на Битола, поради што и искачувањето му го посветив на мојот роден град, времето беше променливо. Ме тераше назад, но трудот и дисциплината секогаш успеваат да те понесат напред, па така и овојпат. Горе ме пречекаа пријателите, мојата поддршка, иако дел од нив беа со незалечени повреди поради спортските активности што ги практикуваат. Најголемиот дел од нив се планинари, велосипедисти, спортисти“, вели Чкламовски.
За стотото искачување на врвот на Пелистер вели дека немал некои посебни подготовки, зашто тренира во континуитет последниве пет години. Најчесто, тренинзите се состојат од поаѓање од неговиот дом во Битола до Инфо центарот на Пелистер, па кај Ловечка куќа, сè до врвот кај Антена.
„Чувството е прекрасно, не само сега поради овој јубилеј, туку секогаш, зашто секое искачување е предизвик за мене. Ме води љубовта кон планината, секое искачување ме мотивира да стигнам до целта, притоа да уживам во убавините на планината и да се дружам со пријателите од планина“, вели тој.
Досега на точак ги искачил сите врвови на Баба Планина, па и на други планински масиви во земјава и странство. Дел од искачувањата биле во зимски услови, низ непроодни патеки, а онаму каде што патот не може да се мине на велосипед го врвел пеш. Сите врвови се освоени со многу труд, и тоа Вртешка на 2.420 мнм, Голема Чука 2.179 мнв, Козји Камен 2.180 мнв, Партизански Врв, Широко Стапало и уште ред други. Секој викенд по едно искачување. Од сите врвови имал можност да ужива во прекрасни глетки, во дел Преспанското Езеро изгледало како да е на дланка.
„Пелистер е исклучително тежок за возење, посебно Антена. Ако не го возиш со постојани тренинзи, тешко е. Стремен терен, карпест, ако не си подготвен на грбот ќе мораш да го носиш велосипедот кога ќе падне снегот“, додава Чкламовски.
Кој е следниот негов потфат не открива, но тренинзите ги продолжува во континуитет, што укажува дека следната цел ќе му биде уште поголема.
Ж. ЗДРАВКОВСКА