Се проценува дека во Битола има меѓу 400 до 500 бездомни кучиња. Добар дел од нив се животни кои газдите ги напуштиле, па сега живеат низ битолските улици. Од Здружението за заштита на животни „Мали херои“ бараат да се изгради соодветно прифатилиште за бездомни животни.
„Состојбата со бездомните кучиња во Битола е алармантна и затоа апелираме да се изгради прифатилиште, стационар или да се спроведе проект Земи, стерилизирај, вакцинирај и врати. Ние како Здружение на годишно ниво вдомуваме околу 120 кучиња, така што голема е бројката на бездомни животни кои остануваат по улиците, но и на сопственици кои ги испуштаат тие животни низ град. Потоа тие кучиња ќе се размножат и ќе се создадат единки на улици и тоа се исто бездомни. На годишно ниво ги има околу 500 кучиња“, вели Светлана Марковска од „Мали херои“.
Од независната советничка група Поинаку веќе имаат подготвено готов проект за изградба на прифатилиште за бездомни животни. Предлагаат тоа да влезе во развојните програми на Општина Битола.
„Свесни сме дека во овој момент постои голем проблем со бездомните животни како на локално така и на централно ниво. Проектот може да се искористи како образовна дејност , бидејќи предвидуваме прифатилиштето да биде во близина на Земјоделското училиште, каде има и Ветеринарен факултет. Она што се нарекува прифатилиште или шинтерска служба во моментов во градот воопшто не функционира и начинот на кој се третираат тие бездомни животни малку е да се рече страшен“, вели Габриела Илиевска од Поинаку.
Со години кучињата скитници во Битола се носат во прифатилиште кое претходната локална власт го смести во зоолошката градина во Битола. На тоа имаше бројни реакции и од граѓани, а и од вработени во зоолошката дека не е соодветно местото. Прифатилиштето е со мал капацитети и тесни кафези.
И покрај големиот број кучиња и зголемениот обем на работа, шинтерската служба со години остана со двајца шинтери, скромни услови за работа и прифатилиште со ограничен капацитет.
Ж. ЗДРАВКОВСКА