И покрај апелите да се остане дома поради актуелната состојба со коронавирусот, битолчани не се откажаа од саботното кафе и кафулињата на Широк Сокак денес беа полни со гости. Меѓу локалите имаше такви кои не ги почитуваа мерките на Владата оддалеченоста на масите да биде метар и пол до два, па посетителите седеа едни покрај други. Ова посебно се случува во преградените делови за пушачите кои се пред кафулињата, каде просторот е ограничен.
Други ја почитуваа мерката за растојание меѓу масите, но преградија поголем простор од пешачкиот дел на Широк Сокак за да не ги враќаат посетителите. Трети ги имаа раздалечено мастите, но на растојание помало од еден метар. Дел од гостите со поголеми друштва сами ги спојуваа масите за да муабетат и заедно да се напијат кафе.
Според ситуацијата на терен, ретко кој ја почитува мерката за преполовување на капацитетот на гостите. Сепак, има и совесни уостители кои постапуваат според мерките предложени од Владата. Широк Сокак има триесетина локали, пицерии и ресторани, а кој и да дојде во Битола, адет е таму да пие кафе.
Топлото време и денес го наполни Широк Сокак. Маркетите за храна беа полни со купувачи, од кои повеќето купуваа храна за залихи, како да фаќа војна. Сепак, стравот од вирусот не ги испразни центрите каде се продава облека по поевтини цени. Тие беа полни купувачи како и во деновите претходно, само што сега продавачите и дел од купувачите носеа маски и ракавици.
Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција кажа дека за коронавирус се тестира и еден странски државјанин преку Центарот за јавно здравје од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА