БИТОЛЧАНИ ПЛАТИЛЕ, А НЕ ГИ ДОБИЛЕ ДРВАТА ЗА ОГРЕВ

    БИТОЛЧАНИ ПЛАТИЛЕ, А НЕ ГИ ДОБИЛЕ ДРВАТА ЗА ОГРЕВОгревното дрво во Битола доцни оти подружницата на „Македонски шуми“ во Демир Хисар доцнела со распишување тендери годинава (Фото: СДК.МК)

    Грејната сезона почна од пред еден месец, а во Битола сè уште има семејства кои не добиле дрва за огрев иако на време ги платиле. Битолчанката Ивана Атанасовска реагираше со писмен допис до нашата редакција дека нејзиното семејство платило за огрев до подружницата на „Македонски шуми“ во Демир Хисар, но уште дрвата не им стигнале. Во подружницата велат дека дрвата ќе се испорачаат во текот на неделава.

    „Голем дел од битолчани немаат сè уште добиено дрва иако истите се платени целосно. Таков е примерот со моите родители, дрвата ги имаат исплатено, а истите не се стигнати. Пратив мејл до ‘Македонски шуми’, не вратија. Се јавив во Скопје каде што наводно разговарав со комерцијалниот директор и тој ми рече дека имало врнежи, но дека има интензивна достава на дрва. Прашав кој ќе сноси одговорност, не кажа ништо. Луѓето се болни и немаат огрев, а некој не превзема никаква одговорност. Ми дадоа некој број на лице од Демир Хисар одговорно за достава на дрва, но никој не ми одговори на повиците. Пишав и порака, но сè уште нема никаков одговор“, реагира Атанасовска.

    Од подружница на „Македонски шуми“ во Демир Хисар телефонски ни изјавија дека застојот во доставата е поради задоцнетото распишување тендери годинава, но и поради лошите временски услови. Дневно испорачуваат по 300 до 400 метри кубни дрва и ветуваат дека за три до четири дена на сите семејства кои платиле ќе им биде доставен огревот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира