БИТОЛСКАТА МАЈКА ТЕРЕЗА ГИ ЗГРИЖИЛА ТРИТЕ СИРАЧИЊА НА ПИТУ ГУЛИ

    БИТОЛСКАТА МАЈКА ТЕРЕЗА ГИ ЗГРИЖИЛА ТРИТЕ СИРАЧИЊА НА ПИТУ ГУЛИЗахарија Василева Шумљанска основала Дом за сираци во Битола веднаш по Илинденското востание, каде покрив над главата и храна нашле многу деца кои за време на револуционерните борби останале без родители, меѓу нив и трите сирачиња на Питу Гули; - Домот бил во црквата „Св. Богородица“ (Фото: СДК.МК)

    И Битола имала своја Мајка Тереза. Народот ја нарекувал Мајка Шумљанска, а нејзините хумани дела историчарите ги споредуваат со големите светски добротвори. Захарија Василева Шумљанска (1864-1937) основала Дом за сираци во Битола веднаш по Илинденското востание, каде покрив над главата и храна нашле многу деца кои за време на револуционерните борби останале без родители. Меѓу нив и деца на починати македонски војводи и комити, како и трите сирачиња на Питу Гули.

    Подоцна, за време на Балканските војни основала болница во Солун каде поткрепа и нега нашле десетици македонски борци и Дом за сираци во Софија за илјадната емиграција од Македонија. Била многу наклонета кон Македонската револуционерна организација, па на македонските дејци им помагала и додека биле во затворите, им носела храна и облека. Поради ваквата дејност била интернирана дури во Африка, одделена од семејството, но не се откажала од својата мисија.

    Захарија во помошни објекти во дворот на црквата „Св. Богородица“ во Битола во прво време отворила бесплатна народна кујна за бедните деца од градот, а потоа прераснала во Дом за сираци (Фото: СДК:МК)

    Битолскиот историчар Никола Миновски вели дека со години била заборавена, а за тоа време бугарско здружение ги открило и објавило во Софија нејзините записи кои по игра на случајноста биле чувани во Индијана, САД.

    „Оваа голема страдалничка беше фрлена во длабок заборав од целокупната македонска историографија“, вели историчарот Никола Миновски.

    Тој пред неколку години објави книга за неа, па во Могила каде се смета дека била родена ѝ подигнаа скромно спомен облежје, а во Битола по неа нарекоа улица.

    Според истражувањата на Миновски, Захарија била учителка омажена за полски емигрант Јулијан Шумљански, наставник по природни науки кој гимназиите ги снабдил со велелепни збирки од флора и фауна со што дал голем придонес за издигнување на практичната настава во училиштата. Бил близок човек до Македонската револуционерна организација.

    По Илинден во Битола се нашле голем број страдалници, сираци, бездомници, голи, боси и гладни. Захарија во помошни објекти во дворот на црквата „Св. Богородица“ во Битола во прво време отворила бесплатна народна кујна за бедните деца од градот, а потоа прераснала во Дом за сираци.

    „Тоа се расчу и му донесле деца од сите страни на Македонија. Охридскиот војвода Петре Чаулев донесол од Охридско осум сираци, од Костурско војводата Христо Цветков девет сираци, од Крушево ги донесле трите деца на војводата Питу Гули и уште пет други“, раскажува Миновски.

    Недостигале средства сите да се прехранат и згрижат. Првата помошта дошла од Николаки Робев, познат трговец и активен културен деец во борбата за употреба на македонскиот јазик во училиштата. Доброволни прилози дале и битолските еснафи фурнаџии, касапи, рибари, па и кондураџиите и шивачите им правеле облека по пониски цени за децата. Докторот Ангелаки Робев ги лекувал сирачињата бесплатно, а лекарствата аптекарите им ги давале по пониски цени. Битолскиот Евреин Рафаел Камхи, близок соработник на Ѓорче Петров и Даме Груев, подарил платна, штофови и ќебиња.

    Иако било голем ризик да патуваат сами жени, Шумљанска во придружба на извесна битолчанка Ракарова, тргнале во Охрид, Прилеп и Крушево по помош.

    „Никогаш нема да го заборавам гостопримството на крушевчани. Просто просолзивме од нежност кога ги видовме жените како вадеа од сандуците кошули, чорапи, платна, прекривки, веленца, фанели и ни ги подарија за нашите сираци. Собравме две големи бали и 11 наполеони“, запишала мисионерката.

    Во 1910 година во битолското сиропиталиште престојувале 110 сираци. За жал, ваквата хуманитарна активност била прекратена со интернација на семејството Шумљански во Солун откако сопругот бил обвинет дека ја помагал Револуционерната организација. Потоа биле испратени на заточение во Мехади и Рас Селтин во Северна Африка. Најстрашно било тоа што не знаеле што се случува со нивните две малолетни деца. Бидејќи сопругот ѝ бил Полјак, било ургирано и парот бил ослободен од заточеништво.

    Последните години од животот го минале во Софија. По Првата светска војна, илјадници македонски бегалци се нашле во Бугарија. Оваа добротворка иако физички не толку моќна, но со непоправлива желба да помогне, формирала Дом за сираци во Софија, кој го носел името „Битола“. Во него биле згрижени 120 сирачиња.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира