БИТОЛСКАТА УЛИЦА ИЛИНДЕНСКА 40 ГОДИНИ ЧЕКАШЕ НОВ АСФАЛТ

    БИТОЛСКАТА УЛИЦА ИЛИНДЕНСКА 40 ГОДИНИ ЧЕКАШЕ НОВ АСФАЛТУлицата Илинденска во должина 2,1 километри, е една од главните сообраќајни артерии во градот, каде живеат стотици семејства, а во поголемиот дел водоводната и канализационата мрежа не е реконструирана откако била поставена пред повеќе децении. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола започна реконструкција на улици кои по 40 години не биле преасфалтирани или никогаш немале асфалт. Багерите прва ја раскопаа улицата Илинденска во должина 2,1 километри, една од главните сообраќајни артерии во градот, каде живеат стотици семејства.

    На оваа сообраќајница во изминатите години ѝ беа крпени само ударните дупки, а во поголемиот дел водоводната и канализационата мрежа не е реконструирана откако била поставена пред повеќе децении. Санацијата ќе ја опфати примарната и секундараната канализациона и водоводна мрежа и коловозот, а за вакви темелни зафати од општинскиот буџет издвоени се со 32,7 милиони денари.

    „Со нејзината реконструкција очекуваме да се подобрат условите за жителите од оваа улица и таа да го промени протокот на сообраќај. Илинденска изгледаше ужасно во изминатиот период и поради тоа беше избегнувана како сообраќајница“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Се реконструира и улицата 13 Јули каде жителите конечно ќе згазнат на асфалт. Во минатото иако беа платени комуналии, улицата не беше асфалтирана. Сега се поставува канализација, а санацијата потоа продолжува со асфалтирање и поставување на тротоари, вкупна инвестиција од 5,5 милиони денари.

    Веќе потпишани се договори со изведувачи за реконструкција на повеќе улици низ градот, и тоа делови од една од најзначајните сообраќајници Партизанска, па АСНОМ, Димитар Илиевски-Мурато, а за преасфалтирање ќе се гребат уште единаесет улици. Од Општината велат дека нивната активност не е поврзана со предизборниот период зашто сите подготвителни активности се одвивале претходно, а кога било најавено дека ќе има предвремени избори склучувањето на договорите било во завршница.

    Потреба за преасфалтирање имаат и други улици низ гррадот кои се исшарани со крпеници на ударни дупки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира