БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ГИ ИЗГЛАСА ЗАВРШНИТЕ СМЕТКИ НА 4 ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ВКУПНА ЗАГУБА ОД 2,1 МИЛИОН ЕВРА

    БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ГИ ИЗГЛАСА ЗАВРШНИТЕ СМЕТКИ НА 4 ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ВКУПНА ЗАГУБА ОД 2,1 МИЛИОН ЕВРАПо околу 53 милиони денари должат „Водовод“ и „Комуналец“, „Нискоградба“ има долг од 20 милиони денари, а „Пазари“ 2,2 милиони денари. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола ги изгласа завршните сметки за 2025 година за јавните претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“, „Комуналец“ и „Пазари“ кои имаат вкупна загуба од околу 130 милиони денари (2.1 милион евра). „За“ сметките гласаше советничкото мносинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, нивните коалициони партнери и ЗНАМ.

    Според изјавите на директорите на Комисијата за финансии и буџет, по околу 53 милиони денари должат „Водовод“ и „Комуналец“, „Нискоградба“ има долг од 20 милиони денари, а „Пазари“ 2,2 милиони денари.

    Ова предизвика бурна дискусија на седницата на Советот одржана на 12 јуни, на која советниците од опозицијата критикуваа дека ситауцијата не е променета неколку години иако Општината дава субвенции за јавните претпријатија.

    „Четири јавни претпријатија со вкупна загуба од 130 милиони денари. Истите директори, истите загуби, истите оправдувања, никакво решение, никаков напредок. Се сменија еден куп директори, а резултатот остана ист, загуби и стагнација“, рече Горан Велевски, советник од Левица.

    „‘Пазари‘ можеме слободно да го прекрстиме во вавно претпријатие ‘Субвенции‘. Во 2025 година 9 милиони денари субвенции од Општината. Од инвестиции изгледа е купена само една метла, со оглед на тоа каква е хигиената во пазарите. Се даваат пари за плати и тековни работи, инвестиции нема“, рече Никола Гаговски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“.

    Советниците од мнозинството одговорија дека намалени се загубите, претпријатијата се ликвидни, навремено ги обавуваат работните обврски и исплаќаат плати и додатоци.

    Директорот на „Комуналец“ Горан Степановски рече дека еден од најголемите трошоци е зголемувањето на платите, додатоците на плати, горивата и другите материјали. Додаде дека имаат сработено повеќе од планираното, сметката не им е блокирана, обврските се исплаќаат редовно, а во 2025 завршната семта е со помала загуба од претходните години.

    Од „Водовод“ рекоа дека дел од трошоците се должат на набавка на сирова вода од „Стрежево“ и струја за да се пренесе. Кон јавното претпријатие „Стрежево“ имаат голем долг, но направена е спогодба на нотар за исплата.

    Директорот на „Нискоградба“ Зоран Талевски рече дека имаат помала загуба од претходната година, како и зголемена работа за Општина Битола и испорачани услуги.

    Од „Пазари“ рекоа дека трошоците се продуцираат од платите и другите додатоци, затворениот сточен пазар поради болест кај стоката. Сепак загубата им е намалена од 2024, а проходите зголемени за 5 отсто.

    Од листата на загубари излезе јавното претпријатие „Паркинзи“, кое во 2024 година имаше загуба со 3,2 милиони денари, а 2025 ја заврши со добивка од 530.000 денари. Директорот Зоран Михајловски рече дека  зголемените приходи доаѓаат од зголемениот обем на работа.

    На Советот беше кажано дека ова е прво јавно претпријатие кое се консолидира и веќе нема да прима субвенции од Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира