БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР СО ДВЕ НАГРАДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ЦРНО СЕМЕ’’

    БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР СО ДВЕ НАГРАДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ЦРНО СЕМЕ’’„Црно семе“ доби награда за современа сценска драматизација и адаптација и за главна машка улога.(Фото: СДК:МК)

    Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Аплаузи, воздишки и силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот, што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот, чиј квалитет од година в година расте.

    „Прилеп е град-театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање, ниту тврдење, туку насушна потреба“, рече на затворањето на фестивалот Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот и селекторка на програмата.

    Народниот театар од Битола доби две награди за претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски: наградата за современа сценска драматизација и адаптација ѝ беше доделена на Јелена Цветановска, а наградата за главна машка улога му беше доделена на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов.

    „Време е ‘Војдан Чернодрински’ повторно да биде македонски со големо ‘М‘. Продолжуваме посветено да работиме на промоција на македонската драматургија, со македонски уметници. Овие награди се само поттик да продолжиме по зацртаниот пат“, изјави директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски.

    Покрај нив, битолскиот сценограф Валентин Светозарев ја доби наградата за најдобра сценографија за претставата „Рацин“, во изведба на Велешкиот театар.

    „Мојата професија е архитект. Можеби никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив“, рече Светозарев.

    Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“, во режија на Владимир Јурц. Покровители на 59. издание на фестивалот беа Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира