БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА НОВА ОПРЕМА ПО 15 ГОДИНИ, НИВНИТЕ ТЕТОВСКИ КОЛЕГИ СЕ ПОЖАЛИЈА ДЕКА ВЕЌЕ НЕ МОЖАТ ДА ЖИВЕАТ ОД ДОНАЦИИ

    БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА НОВА ОПРЕМА ПО 15 ГОДИНИ, НИВНИТЕ ТЕТОВСКИ КОЛЕГИ СЕ ПОЖАЛИЈА ДЕКА ВЕЌЕ НЕ МОЖАТ ДА ЖИВЕАТ ОД ДОНАЦИИТетовските пожарникари конечно добија и противпожарни скали за интервенција на висококатници (Фото: СДК.МК)

    По 15 години, битолските пожарникари добија нова заштитна облека и дишни апарати со компримиран воздух, додека и нивните колеги од Тетово својот празник го одбележаа со нови униформи и опрема добиени од донација.

    „Пожарите во урбана средина се поризични и токму оваа опрема ни беше неопходна. Со пожари на отворено се справуваме, а со оваа опрема, која навистина е по бараните стандарди, ќе бидеме позаштитени кога делуваме. Со досегашната опрема бевме изложени на отворен оган“, рече Горан Димковски, заменик-командир на Противпожарната единица во Битола.

    Уште пред две години, битолските пожарникари се пожалија дека работат со застарена заштитна опрема и рекоа дека немаат униформи, летна и зимска опрема и чизми, кои требаше да им ги обезбеди Општината. Сега се набавени 42 противпожарни комбинезони, чизми и шлемови и 16 дишни апарати, кои се доделени по повод 183-годишнината од формирањето на единицата. Таа е и најстара на Балканот.

    Опремата е набавена преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и програма на Бирото за регионален развој.

    И градоначалничката на Битола Наташа Петровска испроба дел од новата противпожарна опрема (Фото: СДК.МК)

    „Центарот за развој набави и дел од противпожарната опрема за општините Прилеп и Ресен, како едно навално возило, 16 дишни апарати со компримиран воздух, 55 комбинезони за пожар на отворено и 10 интервентни одела“, рече Гого Видимче, директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

    На свеченоста во кругот на тетовската пожарна, на повеќе донатори им беа доделени благодарници, како и признанија за пожарникарите кои учествуваа во спасувањето на патниците од сообраќајната несреќа кај село Ласкарци.

    „Од наши иселеници добивме противпожарна опрема наменета за интервенирање при сообраќајни несреќи. Добивме и нова заштитна опрема и нови униформи, како и противпожарни скали за интервенција на висококатници, што досега навистина многу ни недостасуваше“, рече Ука Алити, командир на територијалната противпожарна единица на Општина Тетово.

    Претставниците на Независниот синдикат на пожарникарите се пожалија дека тетовските пожарникари земаат далеку помали исплати од пожарникарите во другите градови. Тие побараа средба со градоначалничката Теута Арифи, која исто така беше на свеченоста, но не успеаја да се видат.

    „Во неколку наврати се обидовме да разговараме со градоначалничката Арифи, но безуспешно. Ние тврдиме дека не ни е во целост исплатен додатокот за плата, како и додатокот за прекувремена работа и работа за празник и исто така не ни е добро пресметана работата во смени. Според нашите пресметки, во изминативе три години на секој работник му се закинати по околу 200.000 денари. Исто така, сметаме дека противпожарните единици во Македонија треба да престанат да живеат од донации, при што најчесто добиваме опрема стара и по триесетина и повеќе години“, изјави Горан Ристески, претседател на Независниот синдикат на државната администрација, во чиј состав е и Независниот синдикат на противпожарната единица на Општина Тетово.

    „Ние сметаме дека во рамките на законот сме ги завршиле обврските. Во врска со ова се води процес во Основниот суд во Тетово. Ние сметаме дека немаме долгови кон пожарникарите, туку напротив, сме ги консолидирале и платите и исплатите“, изјави Арифи.

    Според експертите, на ниво на државата недостигаат околу 750 пожарникари, а многу од противпожарните единици имаат застарени возила.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА – З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира