Училиштата во Битола може да останат без 301 наставник, бидејќи речиси на еден месец пред крајот на првото полугодие, Министерството за образование и наука (МОН) уште нема дадено согласност за распишување огласи со кои ќе се продолжат договорите на просветните кадри кои беа вработени до три месеци за итни и неодложни работи, рече градоначалникот Тони Коњановски на денешната прес-конференција. Тој обвини дека политичкиот интерес е основниот мотив на централната власт да предизвика крах во битолското образование.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, пак, пред 20 дена изјави дека ќе ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Битола во неколку училишта ако не им биде трансформиран работниот однос на просветните работници кои законски ги исполнуваат условите за трајно вработување. Шаќири рече дека станува збор за 10 до 12 наставници кои наместо вработување на неопределено време, се отпуштени од работа.
Со ваквите случувања се продлабочува јазот меѓу локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ под чии ингернеции е образованието во Битола и централната власт предводена од СДСМ и коалицијата.
„Бидејќи Општина Битола ги достави барањата до МОН, а согласностите за распишување на огласи сѐ уште ги немаме добиено, го замолуваме Министерството да ги добиеме бараните согласности за да не настанат несакани проблеми во воспитно-образовниот процес од кои последиците ќе ги трпат учениците. Бројката на наставници за кои е побарана согласност за распишување на оглас е 213 наставници во основно, а во средните училишта 88 наставници“, рече Коњановски.
Според него, пракса е во средината на ноември да се добијат согласности за распишување на огласи со оглед на тоа дека договорите истекуваат деновиве, во последниот месец од првото полугодие, кога се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците.
„Наставниот процес мора да се одвива во континуитет и доколку не добиеме согласност од МОН ќе мора да го продолжиме рокот, а тоа повлекува други работи како одземање на ингеренциите. Но, нема да дозволиме да трпат учениците“, рече Коњановски.
Запрашан што се случува со наставниците чиј работен однос требаше да биде трансформиран во траен, за што реагираше и министерот Шаќири, Коњановски изјави дека онаму каде имало можност тоа е сторено, а каде немало прекинати се работните односи, но дека бројката е мала.
Шаќири на 15 ноември преку медиумите ѝ кажа на Општината дека сите тие наставници кои биле на работа и ги исполнуваат критериумите за трансформација, да се вратат на работните места и да не се донесуваат одлуки со политичка позадина. Ако не се постапи така, Шаќири рече дека ќе ги заштити просветните работници и ќе ја одземе ингеренцијата на Општината во неколку училишта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА