Битолските таксисти поднесоа иницијатива до општинскиот Совет за отпочнување постапка за измена и дополнување на тарифата за вршење на автотакси превозот во Битола.
Поради зголемувањето на трошоците за работа, тие бараат корекција на цените, со тоа што стартот во прва тарифа останува 60 денари, а секој следен километар ќе се наплатува 35 денари. Во втора тарифа, која би се вовела во специјални околности, стартот да биде 60 денари со 40 денари за дополнителен километар. Тарифата за трета смена да биде со почетни 60 денари, а потоа по 45 денари за извозен километар. Доколку таксистот го чека патникот еден час, тој ќе треба да му плати 400 денари. Сегашната цена има ист старт, а потоа секој километар се плаќа според таксиметар.
„Отпорано размислуваме да ја укинеме третата смена, оти не сака никој да вози. Не вадат пари, а прават многу празни километри. Ако нема покачување, ќе нема ни трета смена. Такси превозот во Битола досега никогаш не бил во ваква ситуација. Трошоците енормно ни се зголемија, а возиме по стари цени. Последното минимално покачување се стопи за два месеца. Дојдовме во ситуација да не вршиме такси превоз, туку да сме доставувачи на роба. Си порачуваат такси до најблиската пицерија, нарачуваат две пици и по 30 денари им е поевтина зашто ги земаат за дома, а ние за беспари, за 60 денари, ручекот им го носиме на маса“, рекоа од Здружението на такси превозници на општинската Комисија за финансии и буџет.
Велат поскапени се и поправките на возилата. Ако претходно плаќале од 2.500 до 3.000 денари за работна рака кај механичар за промена на ламела, сега услугата чини 5.000 до 6.000 денари. Поскапеле и вулканизерските услуги и администрацијата за лиценца.
„Наместо да се подобруваме во такси превозот, ние стагнираме. Таксистите се скоро сите пред пензија и ќе возат уште некоја година. Ниту возен парк можеме да подобриме, ниту на некој возач да му понудиме подобра плата. Затвори уште една компанија. Останавме една база да го покрива целиот град. На фирмите поевтино им е да се возат со такси отколку да имаат свое возило. Па, има граѓани кои по социјална помош одат со такси“, рекоа од Здружението.
Денеска на седница на Советот повеќето советници гласаа за отпочнување на ваквата иницијатива, а дел од советниците бараа да им се образложи точно методологијата по која се бараат новите цени и критикуваат дека Општината не успеала да обезбеди општински јавен превоз.
Ж. ЗДРАВКОВСКА