БИТОЛСКОТО ЏЕПАНЕ 11 ГОДИНИ ЧЕКА РЕСТАВРАЦИЈА, А СЕГА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ СЕ КАРААТ ДАЛИ ВНАТРЕ ИМА КОЗИ

    БИТОЛСКОТО ЏЕПАНЕ 11 ГОДИНИ ЧЕКА РЕСТАВРАЦИЈА, А СЕГА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ СЕ КАРААТ ДАЛИ ВНАТРЕ ИМА КОЗИВлезовите денес беа уште заѕидани, а металната врата затворена со катанец и внатре нема кози, ни друга стока. (Фото: СДК.МК)

    Дали во битолското џепане, тврдина од 19 век и споменик на културата од прва категорија, се чуваат кози и како тие влегле внатре кога влезовите се заѕидани четири години, а металната врата одстрана е затворена со катанец? Ова прашање се наметна деновиве откако заменик-градоначалникот на Битола Бојан Бојкоски, а воедно и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на социјалните мрежи објави фотографии од кози во внатрешноста на џепането.

    заменик-градоначалникот на Битола Бојан Бојкоски, а воедно и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на социјалните мрежи објави фотографии од кози во внатрешноста на џепането. (Фото: Б. Бојкоски)

    Очигледно тврдината, која во отоманско била барутана и склад за оружје, врвно градежно дело на смилевските мајстори од 1876 година, наместо за културни настани деновиве служи за политички пресметки. Џепането остана нереставрирано и вон функција иако поминаа 11 години откако Министерство за одбрана ја предаде на Завод и музеј Битола и досега се сменија неколку влади. Последната заштита на терен беше пред четири години, кога надлежните му ги заѕидаа влезовите за внатре да не влегуваат арамии и да крадат градежен материјал од објектите што се распаѓаат. Токму поради тоа, но и поради значењето на објектот, битолчани деновиве беа изненадени од фотографиите на стока во џепането.

    Нашата екипа денес се искачи до џепане. Влезовите беа уште заѕидани, а металната врата затворена со катанец. Низ малите дупки на камените блокови можевме да видиме дека внатре нема кози, ни друга стока. (Фото: СДК.МК)

    „Битолското џепане со одлука на Министерството за одбрана е остапен на НУ Завод и музеј Битола. Битолската тврдина која претставува споменик на културата од прва категорија во Македонија е узурпирана од непознат овчар. Срамно и жално е ваков објект заштитен со закон со министер за култура од Битола бесрамно да се уништува“, обвини заменик-градоначалникот Бојкоски посочувајќи дека фотографиите ги снимил за време на прошетка низ Смолево.

    Внатре кози можеле да влезат само ако некој го имал скршено катанецот и им ја отворил металната врата, која сега беше затворена. (Фото: СДК.МК)

    Од СДСМ му возвратија дека сега се загрижил „за објектот за кој неговата партија со прст нема(ше) мрднато, ама ете сега кога битолчанка е министерка за култура, дојде моментот и тоа да се среди. Ама, наместо по ридови, попаметно ќе му биде на Бојкоски да прошета низ Битола каде стада овци узурпираат јавни површини“.

    Друг влез отворен нема, а не се распаднати ни ѕидовите за да може стоката да се протне. (Фото: СДК.МК)

    Нашата екипа денес се искачи до џепане. Влезовите беа уште заѕидани, а металната врата затворена со катанец. Низ малите дупки на камените блокови можевме да видиме дека внатре нема кози, ни друга стока. Внатре можеле да влезат само доколку некој го имал скршено катанецот и им ја отворил металната врата, која сега беше затворена. Друг влез отворен нема, а не се распаднати ни ѕидовите за да може стоката да се протне.

    Од Завод и музеј, институција надлежна за џепането, велат дека до нив не е доставена пријава дека просторот го узурпирал овчар. Додаваат дека без потребната инфраструктура, зашто до џепането уште не води асфалтен пат, не можат да ги спроведат нивните цели.

    „Во периодот 2019 и 2020, односно во два наврати, во соработка со Општина Битола, која е токму надлежна за обезбедување на соодветна инфраструктура, беа подготвени предлог-проекти за обезбедување на средства од меѓународни фондови, но за жал, истите пред сè поради висината на потребните средства не беа одобрени. Нашите напори за ревитализација на овој комплекс и обезбедување на соодветни средства продолжуваат и понатаму, и покрај тековните мерки кои ги преземаме за зачувување на неговиот интегритет, но сепак без поставување на соодветна инфраструктура, активностите кои не се во наша надлежност, нема да бидеме во можност да ги реализираме нашите цели“, рече директорката Мери Стојанова.

    Во 2011, кога објектот беше предаден во сопственост на Заводот од Битола, присуствуваа министри од ВМРО-ДПМНЕ и порнашениот градоначалник Владимир Талески, па беше најавено дека објектот ќе служи за културно-историска промоција на нашата држава, ќе биде во функција на многу манифестации, ликовни колонии, работилници, конференции и други активности како туристичка атракција. Но, никој не го реставрира.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира