Ја примивме пораката од граѓаните, ќе има одговорност и наша работа е подинамично да ги решаваме проблемите и реализираме проектите, рекоа градоначалниците на Град Скопје Петре Шилегов и на Општина Карпош Стефан Богоев, по поразот во првиот круг на претседателските избори во Скопје.
„Пораката од граѓаните ја примивме, секој од нас кој остварува јавна функција и е избран од граѓаните треба да чувствува одговорност кон нив. Процесот на утврдување и на индивидуални одговорности е веќе започна во СДСМ. Благодарност до граѓаните за оваа опомена што ни ја испратија. После изборите ќе се утврдува поединечна одговорност и на локално ниво. Но, сакам да испратам порака ако граѓаните не биле задоволни од владеењето на СДСМ не треба да ја казнуваат нашата држава, претседателскиот кандидат и да се вратиме наназад“, рече Шилегов.
Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев рече дека во овој момент фокусот е на претседателските избори,
„Точно е дека иако победивме во Општина Карпош имаме намалување на гласовите, но тоа е порака дека некои работи кои сме ветиле дека ќе ги реализираме, треба да ги оствариме со побрза динамика. Добро е и тоа е разликата меѓу нас и претходната власт што таквите пораки најдиректно и најсериозно се сфаќаат од наша страна и веднаш ќе почне да се постапува подинамично. Во наредниот втор круг ако некој смета дека Богоев нешто не сработил, нема логика да биде казнет поради тоа претседателскиот кандидат Пендаровски“, рече Богоев.
А. АНТЕВСКА