Боговинското Езеро е едно од најубавите, но и најзначајните високопланински езера на Шар Планина. Се наоѓа во зоната на строга заштита на Националниот парк „Шар Планина“, каде што не се дозволени активности што можат да го нарушат природниот екосистем. Но, теренските истражувања и собраните научни податоци од Националниот парк „Шар Планина“ во 2025, како и испитувањата направени во август оваа година, укажуваат на одредена загрозеност на езерскиот екосистем на овој шарпланински бисер.
„По првите мерења направени во ноември 2025, на 14 август 2026 беше реализирано ново истражување, со мерења на длабочината, бистрината и температурата на водата, како и земање примероци од вода и алги за понатамошни анализи. Што покажаа теренските мерења? На десет мерни точки беа измерени длабочини од 1 до 2,1 метар. Водата беше доволно бистра, така што на сите мерни точки можеше да се види до дното. Температурата на површината изнесуваше 19 °Ц, а на длабочина од 2 метри – 17,5 °Ц. За споредба, во ноември 2025 година температурата на водата изнесуваше 4 °Ц. Ваквите летни температури на водата кај едно високопланинско глацијално езеро заслужуваат особено внимание. Во услови на климатски промени и зголемување на просечните годишни температури, затоплувањето на плитките планински езера може да биде сè поизразено. Повисоката температура на водата може да ги забрза биолошките процеси и да влијае врз рамнотежата на езерскиот екосистем. Сепак, за да утврдиме дали станува збор за долгорочен тренд на затоплување, потребни се редовни мерења во различни сезони и години“, велат од НП „Шар Планина“.

Боговинското Езеро е едно од најубавите, но и најзначајните високопланински езера на Шар Планина. (Фото: НП „Шар Планина“)
При испитувањето бил забележан загрижувачки дебел слој талог (тиња) од 30 до 40 сантиметри на дното на езерото, што може да придонесе за забрзување на процесот на еутрофикација, односно збогатување на водата со хранливи материи, со што постепено се менува природната рамнотежа на езерскиот екосистем. Биле направени и лабораториски анализи на квалитетот на водата во Центарот за јавно здравје Тетово.
„Според стручното мислење на Центарот за јавно здравје Тетово, испитаниот примерок од езерската вода е класифициран во 2. класа. Во оценката е земен предвид и микробиолошкиот наод, при што е утврдено присуство на бактеријата Есцхерицхиа цоли, која потекнува од отпадните материи од бачило што се наоѓа над езерото, како и од сточарските активности. Тоа бачило претставува еден од најголемите притисоци врз езерото, бидејќи е потенцијален извор на органско и фекално загадување, кое преку површинското истекување може да стигне до езерото“, велат од Националниот парк.
Боговинското Езеро не е само атрактивна планинска дестинација, туку и чувствителен високопланински екосистем чија природна состојба мора да се зачува. Неговата локација во зоната на строга заштита подразбира посебна одговорност за спречување активности и влијанија што можат да го нарушат езерото и неговата непосредна околина.
З. АНДОНОВ



