Кривичниот совет при Основниот суд во Битола ја укина мерката притвор изречена за Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, еден од осумте физички лица кои се товарат за злоупотреби со тендерот за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола вреден 1,7 милиони евра. Од Основниот суд во Битола потврдија дека на бизнисменот му се определени мерки на претпазливост односно привремено одземање на патна исправа, како и забрана за издавање на нова патна исправа и обврска на осомничениот да се јавува еднаш неделно секоја работна среда во месецот најдоцна до 12 часот кај определено лице во Основниот суд Битола.
Исто така, прифатен е предлогот на осомничениот за определување на гаранција во износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра во недвижен и подвижен имот. После впишувањето на заложните права, хипотеката на недвижните имоти во Агенцијата за катарстар на недвижност, осомничениот бил пуштен од притвор.
„Определената гаранција се состои во ставање на хипотека врз недвижниот имот во сопственост на осомничениот Борче Марковски, како и воспоставување на заложно право врз подвижни предмети – механизација и транспортни средства сопственост на правното лице Марковски Компани ДООЕЛ Борче“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Кривичен совет, судијката Татјана Митревска.
„Со привремените мерки замрзнати му се парични средства од 4.073.643,00 денари и 572,97 евра, како и финансиските средства кои се наоѓат на сметките на осомниченото правно лице во износ од 2.813.636,00 денари. Гаранцијата е определена на износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра, што значи дека таа е скоро три пати повисока од евентуалната имотна корист, а и му се замрзнати финасиски средства“, се вели во соопштението на Основниот суд.
На 9 октомври 2025, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички лици и едно правно лице „Марковски компани“ за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки за дислопкација на погонски станици во РЕК „Битола“.
Правното лице „Марковски компани“, сопственикот Борче Марковски и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека, иако биле свесни оти работите по добиените тендери не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК „Битола“ незаконито наплатиле над 1,7 милиони евра со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



