БОРКО, НЕ ТИ ЈА ДАВАМ САЛАТА „ПАРТИЗАН“, МУ ОДГОВОРИ ЈАКИМОВСКИ НА МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ ПО ДОПИСОТ ДЕКА ОБЈЕКТОТ СЕ ОДЗЕМА ОД ОПШТИНА КАРПОШ

    БОРКО, НЕ ТИ ЈА ДАВАМ САЛАТА „ПАРТИЗАН“, МУ ОДГОВОРИ ЈАКИМОВСКИ НА МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ ПО ДОПИСОТ ДЕКА ОБЈЕКТОТ СЕ ОДЗЕМА ОД ОПШТИНА КАРПОШЈакимовски вели дека без никаква прична само од ќеиф ја одземаат салата, за да ја употребат за нивни бизнис интереси. (Фото: Општина Карпош)

    Министерството за спорт доставило документ до Општина Карпош дека ѝ се одзема салата „Партизан“ во населбата Карпош 4 и дека тоа ќе управува со неа. Ваквата одлука била донесена на владина седница на 17 јуни во која, како што вели градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, нема никакво објаснување зошто се одзема салата.

    Без никаква прична само од ќеиф ја одземаат, за да ја употребат за нивни бизнис интереси. Ним не им се важни граѓаните, важни им се бизнис интересите на Борко Ристовски. Ние на оваа небулозна одлука најостро ќе се спротивставиме, ќе ги преземе сите правни мерки. Нема да дозволиме така лесно да ја земат салата за која ние сме издвоиле пари за да ја опремиме бидејќи ни беше предадена без опрема, без приклучок на парно и вода, без вентилација“, рече Јакимовски на денешната прес-конференција.

    Советот на Општина Карпош денеска одржа вонредна седница на која беше донесена одлука да не се предава салата на Министерството за спорт односно да остане во владение на Општина Карпош. За оваа одлука гласаа сите советнички групи освен советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Ние досега сме вложиле 4 милиони денари за салата. Од оваа сала ние немаме никаков бизнис, туку Општината ги покрива сите трошоци, годишно над 100.000 евра ќе треба да се одвојува за да функционира и тоа Општината ќе го прави“, рече Јакимовски.

    Тој ги повика жителите на Карпош вечерва во 19.30 часот да излезат на протест заедно со него пред салата против ваквата одлука на Владата.

    Од Министерството за спорт велат дека салата се одзема бидејќи не била ставена во функција.

    Оваа спортска сала е во државна сопственост и државата одлучува кому ќе му биде дадена на користење, односно ќе биде одземено тоа право доколку не се испочитувани обврските од договорот. Кога утврдивме дека објектот не е ставен во функција речиси една година, инициравме процес на враќање со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните.

    Тоа ќе се случи. Салата ќе биде санирана, безбедна, опремена, функционална“, велат од Министерството за спорт.

    Во соопштението од Министерството го прашуваат Јакимовски дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит и дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата?

    Салата „Партизан“ почна да се реновира во април 2022 година во мандат на СДСМ кога директор на Агенцијата за спорт и млади беше Наумче Мојсоски. Откако заврши реновирањето со пари од Агенцијата, Владата во декември 2023 ја предаде салата во владение на Општина Карпош.

    Во март годинава беше ставена во функција, откако цела година после реконструкцијата стоеше затворена оти не беше опремена. Општина Карпош бараше опремувањето и приклучувањето на парно да ги направи Владата, односно Министерството за спорт бидејќи тие ја реновираа, но оттаму сметаа дека таа обврска е на Општината. По отворањето, од Општина Карпош обвинија за лоша изведба бидејќи на некои места салата прокиснувала.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 како донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а беше активен и во иницијативите за обнова.

    Во 2005, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде салата под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена и затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут и стакло и изгледаше дека во секој момент може да се урне.

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април 2022 почнаа да ја реновираат салата, а во септември лани веднаш до неа почнаа градежни работи за изградба на затворен базен, кој уште не е завршен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира