Борците за чист воздух од Битола, членови на здружението „За нас се работи“ на идните локални избори ќе учествуваат со свои независни граѓански листи за советници, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. На ваков чекор активистите од здружението велат дека се одлучиле за граѓаните да можат поактивно да се вклучат во донесувањето на одлуките во општина Битола.
„Намерата на здружението е да предложи граѓански листи на локалните избори и да се направи широка граѓанска платформа која се надевам дека ќе придонесе битолчани да сфатат дека се од нас зависи и дека за нас се работи“, рече Илија Балтовски, член на здружението.
Од здружението велат по ова некои ќе речат дека планираат да се занимаваат со политика, но дека нивната цел е искучиво граѓаните во Битола да се вклучат поактивно во донесувањето на одлуките во општината. Додаваат дека многумина битолчани предвреме се откажуваат во барањето решение на одредени проблеми од локалното живеење зашто мислат дека никој не може да ги реши.
Ќе биде дозволено кон граѓанската платформа да се приклучат и членови на политички партии, само доколку политичката активност им е во втор план, а воедно нема да имаат приоритет на листите.
„На независните листи ќе можат да влезат и лица симпатизери на политички партии и нивни членови. Но, оние кои се политички активирани, политичката активност да ја стават како втор приоритет, а прв да им биде градот. Ние велиме ќе се бориме за личната карта на градот, сите други членски карти кои некои ги имаат нема да ни сметаат, но нема да имаат приоритет“, рече Душко Груевски од „За нас се работи“.
Локалните избори треба да се одржат во март следната година.