БОСИЛОВО УТРЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА СО НАЈГОЛЕМА БРАНА ЗА ХИДРОЈАЛОВИНА

    БОСИЛОВО УТРЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА СО НАЈГОЛЕМА БРАНА ЗА ХИДРОЈАЛОВИНА„Доаѓаат избори и сите кои сакаат да бидат советници или градоначалници јавно ги повикуваме да излезат и да се изјаснат, не мора да бидат против, туку да покажат пример дека референдумот е едно од највисоките форми на демократија“, велат од граѓанската инцијатива „Здрава котлина“ (Фото: СДК.МК)

    Дали да продолжи со работа рудникот за бакар и злато Иловица-Штука и дали да се отвараат нови рудници, се прашања на кои жителите на Општина Босилово утре ќе се изјаснуваат на референдум на 18 избирачки места. Право на референдумско изјаснување имаат 12.280 граѓани, а за да биде успешен референдумот минимум треба да се изјасатан 6.141 жители со право на глас.

    Граѓанската иницијатива „Здрава Котлина“ тврди дека во Струмичко, кој е земјоделски крај, не е потребен рудник со површински коп и рудник кој ќе има 270 метри висока брана за хидројаловиште.

    „Со градењето на рудникот на планината Огражден буквално на Струмичко му се темпира бомба која носи огромна опасност. Со изградбата на овој рударски капацитет жителите од Подогражденскиот Регион ќе немаат мир од секојдневните минирања, постојано ќе има прашина, подземните води ќе бидат загадени, ќе бидат уништени стотици хектари шума. Замислете, ние со овој капацитет ке имаме брана која ќе биде шеста највисока во светот, но не со вода туку со јаловина полна со отрови“, вели Стојан Велков Трн од „Здрава котлина“, од каде повикуваат на масовност на утрешниот референдум, посебно политичарите да се одважат и први да бидат на гласачки места за да дадат пример на останатите.

    „Доаѓаат избори и сите кои сакаат да бидат советници или градоначалници јавно ги повикуваме да излезат и да се изјаснат, не мора да бидат против, туку да покажат пример дека референдумот е едно од највисоките форми на демократија“, вели Митко Бојаџиски, кој кажа дека низ населението имало притисоци да не се излезе на утрешниот референдум.

    Од компанијата „Еуромакс“ која има добиено концесија за експлоатација, а веќе десетина години работи на проектот за бакар и злато кај Иловица, тврдат дека рудникот се гради согласно сите европски нормативи за заштита на животната средина. Тие на социјалните мрежи деновиве постојано лиферуваа информации дека овој капацитет нема да го наруши биодиверзитетот ниту да му наштети на земјоделското производство во струмичко.

    На 28 август, на Денот на рударите во Радовиш, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека Владата ќе ги поддржи сите проекти кои гаранатираат чисти технологиии за преработка на минерални суровини, но ќе бидат земени во предвид и барањата на граѓаните.

    „Владата на Република Македонија и понатаму ќе ги поддржува сите позитивни проекти кои што ќе ги задоволуваат стандардите на техничкото работење, но и барањата на граѓаните. Мораме да ги земеме во предвид нивните интереси. Тоа може да се направи со едно заедничко работење на сите инволвирани во овие процеси и тоа може да се направи со еден интерактивен процес, во кој што ќе бидат задоволени сите светски познати стандарди на чисти технологии на преработка на минерални суровини, независно дали се неметали или метали“, кажа Анѓушев.

    За издавање концесија за експлоатација на бакар и злато од планината Огражден претходно позитивно мислење има дадено градоначалникот на Босилово Љупчо Колев, по барање на Министерството за екномија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира