БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИП ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ГРАДИ, СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СЕ ОДОБРЕНИ 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА

    БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИП ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ГРАДИ, СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СЕ ОДОБРЕНИ 1,7 МИЛИОНИ ЕВРАБраната почна да се гради во јули 2021 (Фото: СДК.МК)

    Пред и по изборите работите околу изградбата на браната на реката Отиња значително спласнаа и речиси целосно престанаа. Со вчерашното усвојување на ребалансот на буџетот за браната се предвидуваат нови над 100 милиони денари (1,7 милиони евра). Ребалансираниот буџет има ставка од 1,4 милиони евра за доизградба на браната и дополнителни 320.000 евра за надомест за одземен имот.

    Во изминатите неколку месеци заврши поголем дел од предметите за експропријација, па со дополнителната ставка за надомест се очекува и заостанатите постапки да завршат. Некои од постапките се пролонгираа поради тоа што сопствениците на имот не се сложуваа со понудената цена од 100 денари за квадратен метар земјоделско земјиште и двојно повеќе за градежно земјиште.

    Браната почна да се гради во јули 2021 кога во буџетот биле предвидени 306 милиони денари (пет милиони евра). Не е познато колку од овие средства досега се потрошени и дали предвидените пари со ребалансот на буџетот ќе бидат доволни да заврши изградбата на браната, која според првиот рок, требаше да биде готова до почетокот на ова лето, а потоа рокот беше пролонгиран за пролет 2025.

    Штипските планери сметаат дека предвидените средства ќе бидат доволни зашто според последната изјава на претходниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, за оваа година во буџетот останале над два милиона евра. Од друга страна биле подмирени трошоците за изработка на неопходните еколошки, урбанистички и сеизмолошки елаборати. Исто така, се смета дека роковите можат да бидат пролонгирани поради промени во избраните изведувачи на работите, за што новото раководство во Министерството ги разгледувало договорите.

    Браната, која е во месноста Ќемер во непосредна близина на Штип, ќе има насип од 30 метри и ќе се протега по течението на реката која порано повеќепати при поројни дождови излегуваше од коритото и го поплавуваше градот. Стручњаците сметаат дека браната за неколку степени ќе ја намалува температурата, посебно во летниот период.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира