По обилните врнежи од дожд, браната „Калиманци“ веќе располага со 65 милиони кубни метри вода. Ако ваквиот доток продолжи и во наредните денови, многу брзо ќе се достигне нивото од 90 милиони кубни метри, кога хидросистемот започнува со контролирано испуштање на водата од акумулацијата.
„Каменичка Река и реката Брегалница за само неколку дена обезбедија доток на вода значително поголем отколку во изминатите неколку месеци. Во моментов, браната ‘Калиманци’ е исполнета со повеќе од 50 проценти од расположливиот проектен капацитет од 120 милиони кубни метри вода. Секогаш кога нивото ќе достигне 90 милиони кубни метри, започнуваме со испуштање на водата. Најголем прилив има од Каменичка Река, која во Македонска Каменица речиси се излеа од коритото, како и од реката Брегалница, која исто така имаше значително зголемен доток. Од синоќа, нивото на двете реки е намалено. Најважно е што акумулациите се полнат и наредната водоснабдителна сезона ќе започне со полн капацитет“, вели раководителот на подружницата „Брегалница“ при АД „Водостопанство“, Горан Зашов.
За помалата акумулација, браната „Гратче“ кај Кочани, Зашов вели дека таа веќе е наполнета до максимум. Од досегашниот доток од пет кубни метри во секунда, тој е двојно зголемен, поради што водата постојано се испушта. Зрновска и Оризарска Река, пред вливот во Брегалница, исто така се излеале и поплавиле повеќе хектари обработливо земјиште, а во селата Грдовци и Подлог водата навлегла во дворовите.
Слични зголемени приливи на вода има и кај браната „Мантово“, со акумулиран капацитет од 47 милиони кубни метри, наменета претежно за наводнување на Радовишкото Поле, како и кај браната „Кнежево“, со капацитет од 23 милиони кубни метри вода, која служи за водоснабдување на шест општини во регионот. Беровската брана, пак, веќе има акумулирано вода во должина од околу два километра, ширина над 300 метри и длабочина поголема од 50 метри.
Т. ЈОВАНОВСКИ



