БУЧАВАТА ОД СООБРАЌАЈОТ ГИ ОСТАВА БИТОЛЧАНИ И СКОПЈАНИ БЕЗ СОН

    БУЧАВАТА ОД СООБРАЌАЈОТ ГИ ОСТАВА БИТОЛЧАНИ И СКОПЈАНИ БЕЗ СОНСпоред Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем за животната средина во ЕУ (Фото: СДК.МК)

    Бучавата од патниот сообраќај е сериозен проблем во Битола и Скопје. Измерените максимални вредности во двата града значително ги надминуваат дозволените ограничувања, покажа истражувањето на Техничкиот факултет во Битола и на Институтот за комуникациски студии во Скопје, во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

    Мерењата во Скопје биле извршени кај Градска болница и на улицата Дрезденска, а во Битола, кај гимназијата „Јосип Броз Тито“, основното училиште „Тодор Ангелевски“ и во населбата Стрелиште.

    Кај Градска болница и во близина на училиштата беа измерени највисоки 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволените 50, односно 55 децибели, регулирани со Правилникот за гранични вредности за нивото на бучава во животната средина. На сите мерни места, бучавата во континуитет изнесуваше од 72 до 87 децибели.

    „Имаме случаи кога бучавата надминува 105 децибели и тоа не е континуирана бучава. Во бучавата доминантни се патничките возила поради нивната многубројност во сообраќајот. Товарните возила, автобусите и мотоциклите придонесуваа за краткотрајни, но интензивни осцилации. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваа или се движеа со повисока брзина“, рече Никола Крстановски, професор на Техничкиот факултет, отсек сообраќај и транспорт.

    Иако состојбата со загадување од бучава е прилично сериозна, професорите велат дека овој проблем е ставен во заден план во однос на загадувањето на воздухот.

    Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот. Бучавата ја попречува и ја намалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го попречува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај, до вознемиреност и сериозни психички пореметувања.

    „За надминување на состојбите предлагаме комбинација на мерки, како патни грби, издигнати пешачки премини, зони на смирен сообраќај со 30 километри на час и пренасочување на товарниот сообраќај. Се препорачува комбинација на мерки, зашто само една мерка нема да го даде посакуваниот резултат“, рече Бети Ангелевска, професор на Техничкиот факултет во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира