Фондацијата „Бугарска меморија“ ги избриша фотографиите од директорката на Техничкото училиште во Битола, Жанета Сервини и заменикот Љупчо Здравковски, како и дел од текстот каде се споменуваа во објавата на интернет страницата на Фондацијата. До вчера во истата објава дека македонски студенти кои се истомисленици на клубот „Иван Михајлов“ се во посета на Бугарија, пишуваше дека таму пристигнале и првите луѓе на Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, Битола кои го посетиле приватното основно училиште „Цар Симеон Велики“ во село Ивањане. Денес овој дел од информацијата е избришан и Сервини и Здравковски воопшто не се спомнуваат во објавата.
Откако прво самата Фондација ги вметна во истиот текст па ги избриша, денес излезе со дополнителна информација дека ги осудува неправедните обвинувања во медиумите кон директорите и дека чиста случајност е тоа што нивната посета на приватно училиште се поклопила со посеатата на македонски студенти на покана на Милен Врабевски и бугарската фондација.
„Г-ѓа Сервини и г-ин Здравковски беа во Бугарија на покана на приватно училиште „Цар Симеон Велики“ за планирање на заеднички проекти според Еразмус + програмата. . Нагласуваме дека двете не се дел бугарското здружение во Битола. Тие никогаш и не беа и никогаш не кажавме никаде дека е тоа така“, напишаа денес од Фондацијата.
Откако македонските студенти ги етикетираа како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во денешната објава тврдат дека Фондацијата работи во градење на братски односи меѓу двете земји.
Во меѓувреме и директорката Сервини, а и Техничкото училиште се огласија со демант дека дезинформации се објавите низ некои македонски медиуми за присуство на ученици од Техничкото училиште од Битола во Бугарија.
„Ја отфрламе поврзаноста со учениците, спомнати во веста. Во Софија бевме отидени јас и заменикот директор Здравковски Љупчо за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта“, пишува во демантот.
Објавата од 27 октомври на интернет страницата на бугарската фондација предизвика бурни реакции во Македонија, пред се̍ затоа што македонски студенти беа етикетирани како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА