БУЛЕВАРОТ КОЧО РАЦИН ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ СО ДЕНОВИ Е ВО МРАК, НЕ СЕ ГЛЕДААТ НИТУ ПЕШАЧКИТЕ ПРЕМИНИ, ГРАДСКАТА ВЛАСТ НЕ РЕАГИРА

    БУЛЕВАРОТ КОЧО РАЦИН ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ СО ДЕНОВИ Е ВО МРАК, НЕ СЕ ГЛЕДААТ НИТУ ПЕШАЧКИТЕ ПРЕМИНИ, ГРАДСКАТА ВЛАСТ НЕ РЕАГИРАЕдинственото светло во овој дел од центарот на градот е од становите на околните згради. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Булеварот Кочо Рацин во центарот на Скопје е во мрак. Не работи ниедно светло од уличното осветлување веќе со денови по целата должина на булеварот и во околните улици. Единственото светло во овој дел од центарот на градот е од становите на околните згради.

    Во мракот не се гледаат пешачките патеки, ниту возачите можат да ги видат пешаците и велосипедистите кога минуваат улица. Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ веќе неколку дена ги повикуваат Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска осветлувањето итно да биде оспособено за да се намали ризикот за пешаците, но никој не реагира. Бидејќи градските власти кои се надлежни за светлото на булеварите никаде ги нема, синоќа „Шанса за Центар“ со трепкачи за велосипеди ги обележа премините.

    Од Град Скопје со денови не реагираат и оставаат центарот на градот да биде во мрак. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Јавното осветлување не работи повеќе денови. Со тоа сериозно се загрозува безбедноста на пешаците и на возачите. За малку од малку да ја подобриме состојбата, ние од ‘Шанса за Центар‘ вечерва набавивме трепкачи за велосипеди и го обележавме пешачкиот остров за да биде повидлив за возачите. Сите граѓани на Скопје преку сметките за електрична енергија плаќаат и за јавното осветлување и тоа мора да им биде достапно“, велат од „Шанса за Центар“.

    Од Град Скопје и од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не може да се добие одговор што е проблемот со уличното осветлување и кога светлото на булеварот ќе биде поправено, затоа што на вработените што добиваат плата за односи со јавноста и директорите на градските претпријатија им е забрането да комуницираат со новинари.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира