Паркингот до Градскиот пазар во Велес не е повеќе бувљак, место каде што се продаваа употребена облека и предмети. Од минатата недела Општината ги дислоцираше продавачите, по реакциите на граѓаните дека таму се зафаќаат најмалку 30 места за паркирање, но и корисниците оставаат нечистотија и неред.
„Просторот е ослободен во интерес на намената за што е примарно изграден, за паркинг. Продавачите на користена облека и предмети ги дислоциравме на кејот кај автобуска, лево од Мало мовче. Три од седум дена во неделата паркинг прострот не беше во целосна функција поради овие продавачи“, вели Општина Велес.
На овој простор со години се продаваа земјоделски производи на големо. Од Општината велат дека на паркинг просторот можат да се продаваат земјоделски производи на големо од комбе, во одредени денови, и тоа до 17 часот.
„Лани имаше лица кои престојуваа тука со месеци, без услови за живот. Во нивна близина имаше нехигиена, оти просторот се користеше како тоалет, таму се бањаа и подготвуваа храна. Сега може да се продава само во пазарните денови“, објаснија од Општината.
Истовремено, во заедничка контрола на комуналниот инспектор, УЈП и Пазарната инспекција беа исчистени тротоарите од препродавачите во околината на градскиот пазар. Тие биле предупредени дека тој простор не е за продажба и можат да продаваат во покриениот пазар. Повеќе години пазарџиите реагираа на нелојалната конкуренција поради продажба по троатоарите.
П. ПЕЧКОВ



