ЧЕВЛАРОТ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ЧЕСЕН ЗА ДА ИМА МУШТЕРИИ, ДЕНЕС НЕМА НИ ЗАНАЕТ НИ ЧЕСНОСТ, ВЕЛИ НАЈСТАРИОТ ЗАНАЕТЧИЈА ВО СТРУГА

    ЧЕВЛАРОТ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ЧЕСЕН ЗА ДА ИМА МУШТЕРИИ, ДЕНЕС НЕМА НИ ЗАНАЕТ НИ ЧЕСНОСТ, ВЕЛИ НАЈСТАРИОТ ЗАНАЕТЧИЈА ВО СТРУГАДенес нема кој да го наследи занаетот на овој мирен и тивок стружанец оти децата му се школувале, па одбрале професија која им носи далеку поголем приход. (Фото: СДК.МК)

    Занаетчиството во Струга, традиција која се наследува од колено на колено, полека изумира. Најстариот занаетчија, 90-годишниот Јоне Кленко, некогаш познат како врвен мајстор за чевларство и кожна галантерија во струшката чаршија, денес жали за деновите кога се ценел и занаетот и квалитетот. Вели, за да се биде занаетчија, човек пред сè мора да биде чесен, но повеќе нема ни чесност ни квалитет.

    „Остарев со оваа работа. Цел живот работам како чевлар. Започнав како мал со мојот татко кој во Франција научил да прави плетени сандали од кожа, па потоа во Белград работел како чевлар и правел само женски сандали. Во 1938 година нè зеде и нас, а пред војната избегавме и се вративме во Струга. Работевме заедно, беше тешко на почетокот оти чевларот требаше да набаво кожа, ѓон и се што треба па да вади мустра а најважно беше занаетчијата како чевлар да биде чесен оти ако не беше немаше да има муштерии. Денеска чесноста се изгуби“, раскажува Кленко.

    Со насолзени очи Кленко се присети како се бореле да се научи занаетот на рачната изработка на еден пар кондури кој бара и знаење и макотрпна работа. Денеска вели не изработува кондури оти нема нарачки.

    „Од 1995 година немам ништо ново изработено“, вели Кленко.

    „Остарев со оваа работа. Цел живот работам како чевлар. Започнав како мал со мојот татко кој во Франција научил да прави плетени сандали од кожа, па потоа во Белград работел како чевлар и правел само женски сандали“, вели 90-годишниот Кленко. (Фото: СДК.МК)

    Денес нема кој да го наследи занаетот на овој мирен и тивок стружанец оти децата му се школувале, па одбрале професија која им носи далеку поголем приход.

    „Жално е што занаетчиството изумира. И сега кога го велам ова ми е многу тешко. Цела Југославија ја поминав само да научам повеќе а денес никој не е заинтересиран. Одев секаде и по алати. Тешко ми е што не може повеќе да се учи тој занает. Нема ни интерес а ни мајстори за да научат младите. Кондураџискиот занает е потежок од било кој факултет да се учи“, вели последниот чевлар во Струга кој смета дека државата треба да помогне за да опстои занаетчиството.

    Во неговата работилница, која наликува на мал музеј на фотографии, алати и предмети изработени низ годините од неговите раце, денес прави само поправки на ташни, чевли и колани. Вели дека стружани повеќе не се заинтересирани за рачно изработени предмети туку купуваат евтина кинеска роба која лесно се расипува.

    Поправајќи стара ташна на машината за шиење од 1926 година се присети на неговите предци кои работеле на овој стар раритет на кој денес стои натпис „спомен од минатото, сегашноста и иднината… не се продава“. Низ годините научил сам да ја одржува и поправа па така денес машината му служи за секојдневните поправки на оштетените кожни предмети кои му ги носат стружани но и да потсетува на времињата кога занаетчиството во струшката чаршија беше ценето и вреднувано.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира