ДА ИМА НОВА САЛА И ОПРЕМА ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОГИЈА ЌЕ СТАНЕ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА АКУТЕН МОЗОЧЕН УДАР, АМА 7 ГОДИНИ НЕ Е ПУШТЕН НОВИОТ ОБЈЕКТ

    ДА ИМА НОВА САЛА И ОПРЕМА ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОГИЈА ЌЕ СТАНЕ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА АКУТЕН МОЗОЧЕН УДАР, АМА 7 ГОДИНИ НЕ Е ПУШТЕН НОВИОТ ОБЈЕКТЛани д-р Маја Манолева како заменичка-министер за здравство рече дека конечно е почната постапка на преземање на објектот од Министерството. (Фото: СДК.МК)

    Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид има потреба од дополнителна опрема и просторни услови, оти во болницата се лекуваат пациенти од целиот Југозападен Регион кој брои над 200 илјади жители. Директорката д-р Елена Коваческа-Башуроска, вели дека со новата ангиосала и уште еден ангиограф значително ќе се намали листата на чекање на пациентите.

    „Со години, се случуваше во неколку наврати дефект на апаратот, пациентите беа праќани на Клиника за кардиологија, а одложувани беа елективните пациенти за елективни ангиографии, што е голем проблем. Токму затоа е потребен уште еден ангиографски апарат“, вели д-р Коваческа-Башуроска.

    Во оваа болница годишно се извршуваат над 2.500 интервентни процедури, а секојдневно има над 120 специјалистички прегледи, над 50 ехокардиографии како и по 40 стрес-тестови и доплери. Од 2019 работи и Одделот за електростимулација, со што овој центар стана вториот референтен центар во државата за имплантација на пејсмејкери. Пред две години е набавен најнов современ апарат за ехокардиографија, како и нов ангиограф.

    Стапката на кардиоваскуларни заболувања изминатиов период е во пораст во глобални рамки и претставува водечка причина за смртност кај населението, така што од исклучително значење е да се унапредат условите за пружање третман кој е од животно спасувачки карактер. (Фото: СДК.МК)

    Охридската болница за кардиологија е единствена јавна здравствена установа во која се врши дејноста кардиорехабилитација на пациенти по извршени кардиохируршки интервенции и после преболен миокарден инфаркт лекуван конзервативно или со перкутани интервенции.

    Низ годините, оваа институција освен што вложува во грижата за пациентите, истовремено станува и референтен центар за обука на лекари за одредени интервентни процедури.

    Охридската болница за кардиоваскуларни заболувања располага со 30 лекари, од кои 12 супспецијалисти-кардиолози и овој врвен и професионален кадар изведува над 2.000 дијагностички и интервенти процедури годишно. Императив на болницата во претстојниот период е третман на акутен мозочен удар со перкутана интервенција.

    Новиот објект во склоп на болницата „Свети Еразмо“, во кој треба дел од просторот да користи и охридската Кардиологија, а за кој се чека веќе 7 години, ќе овозможи развој на нови дијагностички и тераписки процедури.

    „Не се откажуваме од онаа планска цел за развој на регионален центар за акутен мозочен удар заедно со здравствените и технички капацитети на другите институции во регионот, по примерот на акутен миокарден инфаркт, да се направи мрежа на акутен мозочен удар која би го покривала цел Југозападен Регион“, вели Коваческа-Башуроска.

    Стапката на кардиоваскуларни заболувања изминатиов период е во пораст во глобални рамки и претставува водечка причина за смртност кај населението, така што од исклучително значење е да се унапредат условите за пружање третман кој е од животно спасувачки карактер.

    Инвестицијата вредна 215 милиони денари која требаше најпрво да биде готова до април 2017 беше најавувана како една од најзначајните оти, како што беше кажано, целокупниот квалитет на еден здравствен систем во голема мера зависи од квалитетот на инфраструктурата. Нов рок за завршување на објектот, септември 2019, даде и тогашниот министер Венко Филипче по застојот во 2018. Новиот објект и ден денес не е пуштен во употреба оти имало недефинирани односи помеѓу Министерството за здравство и инвеститорот.

    Последно ветување дека проблемот конечно ќе биде решен лани даде д-р Маја Манолева, како заменичка-министер за здравство која рече дека била почната постапка на преземање на објектот од Министерството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира