Здруженијата на географи покренаа петиција и доставија барање до Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и претседателот на државата против новиот концепт кој предвидува интегрирање на географијата во природни науки во шесто одделение, како и во предметот историја и општество со што сметаат дека ќе се појават големи пропусти во понатамошниот образовен процес. Иницијативата го носи слоганот „Да кажеме ‘не’ на уништувањето на географијата како предмет!“
„Со новата концепција во основното образование, географијата целосно се деградира и разнебитува. Географијата е спој помеѓу природните и социо-економските карактеристики на просторот. Со Концепцијата овие две нишки целосно се одвојуваат и вештачки се спојуваат со други предмети, што ќе доведе до несогледливи последици, како по учениците, така и по наставниците. Не постои факултет кој продуцира кадар за природни науки, остручен за работа по различни модули од областа на биологија, географија, физика и хемија. Сегашниот наставен кадар е недоволно стручен за најголем дел од наставните содржини, бидејќи нема соодветно образование“, вели Мите Ростов од „Геосфера“ Битола.
Според податоци од Државниот завод за статистика, за 2021/2022 година од 11.146 паралелки во основно образование има 1.238 паралелки во шесто одделение. Бидејќи наставниците по географија имаа по два часа (72часа) ќе се изгубат 1.238 часа или 62 работни места. Доколку концепцијата продолжи по зацртаниот план во VII, VIII и IX одделение ќе се изгубат дополнителни 186 работни места, односно 248 наставници по географија кои имаат редовен работен однос ќе останат без работа, посочуваат од здруженијата на географи.
Тие уште додаваат дека делови од природната географија (географска положба, планини, реки, езера, клима и сл.) се изучуваат во предметот историја и општество за IV, V и VI одделение со што, учениците доаѓаат до конфузија за предметот на изучување на природните и општествените науки.
Кон иницијативата се приклучија Здружение на професори по географија на Македонија „Проф. Д-р Љубе Миленковски“- Скопје, Регионално географско друштво „Геосфера“- Битола, Регионално географско здружение „Проф. Д-р Митко Панов“- Прилеп и Независен синдикат за образование и наука – Скопје.
Тие бараат задржување на статусот на географијата како посебен предмет (најмалку во следните одделенија VII, VIII и IX одделение) согласно нејзиниот комплексен карактер како научна дисциплина, односно исклучување од предметите природни науки и историја и општество. Модуларно изучување на наставните содржини и теми по предметот природни науки во V и VI одделение (како што беше претходно најавено), а не сите содржини кои се однесуваат на предметите: географија, биологија, физика и хемија да ги предава еден наставник. Воведување на модуларно изучување за географските содржини во предметот историја и општество во V одделение.
Со Концепцијата на МОН од 2021, се спојуваат предметите историја, граѓанското образование и географија во Историја и општество.
Ж.ЗДРАВКОВСКА