ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ МЛАДИТЕ ДА СЕ ЗАГУБАТ ВО ЛАВИРИНТОТ НАРЕЧЕН КОЦКАЊЕ, ПРОТЕСТИРАШЕ ТЕТОВСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „АНТИ КОЦКАЊЕ“

    ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ МЛАДИТЕ ДА СЕ ЗАГУБАТ ВО ЛАВИРИНТОТ НАРЕЧЕН КОЦКАЊЕ, ПРОТЕСТИРАШЕ ТЕТОВСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „АНТИ КОЦКАЊЕ“„Учествувавме на две дебати во Комисијата за финансирање и буџет и толку. Беше договорено да има уште една дебата, но до денес нема никаков резултат ниту пак некаков одговор. Поради ова, ние со право се сомневаме што се случува, дали се брани некој индивидуален или колективен интерес, а не се брани народот“, велат од „Анти коцкање“ и бараат итно носење на Законот за игри на среќа. (Фото: СДК.МК)

    Коцкањето е многу опасна работа, тоа е еден лавиринт во кој посебно младите многу лесно можат да се изгубат, велат од движењето „Анти коцкање“, кое денес на градскиот плоштад во Тетово направи перформанс со кој сака да изврши притисок и протест до власта и партиите кои треба да го донесат Законот за игри на среќа. Поставениот лавиринт, всушност, претставува симулација на казино и во тој лавиринт, односно во казиното, оние што ќе влезат се среќаваат со многу опасности.

    „Свесни сме дека многу луѓе влегле во овие коцкарски лавиринти. Сакаме тука да им кажеме на младите како да се справат со овој проблем и да им покажеме дека за излезот треба само да се следи светлината за да се сочува животот. И ние, како родители, не треба никогаш да дозволиме коцкањето да ни ги земе нашите деца“, рече Џемал Абдиу од движењето „Анти коцкање“.

    Движењето против коцкањето веќе подолг период презема разни активности и протести со цел што побрзо да се донесе Законот за игри на среќа. Нивното главно барање за промена на Законот се однесува на местата каде можат да се отворат казина, спортски обложувалници и други објекти за игри на среќа. Бараат тие да бидат оддалечени најмалку 3 километри од населените места, а тоа значи што подалеку од децата и од училиштата. Засега, како што велат, не наоѓаат на големо разбирање нај власта.

    „Учествувавме на две дебати во Комисијата за финансирање и буџет и толку. Беше договорено да има уште една дебата, но до денес нема никаков резултат ниту пак некаков одговор. Поради ова, ние со право се сомневаме што се случува, дали се брани некој индивидуален или колективен интерес, а не се брани народот“, велат од „Анти коцкање“.

    Од Движењето „Анти коцкање“ најавуваат дека вакви перформанси против коцкањето во наредниот период да одржат во Струмица, Гостивар, Охрид, Прилеп и Скопје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира