ДА СЕ НАМАЛИ ДДВ ЗА СТРУЈАТА ОД 18 НА 5 ОТСТО, ПОБАРАА ТЕТОВЦИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТО

    ДА СЕ НАМАЛИ ДДВ ЗА СТРУЈАТА ОД 18 НА 5 ОТСТО, ПОБАРАА ТЕТОВЦИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТОНа протестот во Тетово се бараше поништување на одлуката на Регулаторната комисија за зголемување на цената на електричната енергија од 7,4 проценти, а потоа намалување за 46 проценти. (Фото: СДК.МК)

    Неколку илјади тетовци попладнево се собраа на кружниот тек пред градскиот плоштад за по вторпат да го изразат своето незадоволство од поскапувањето на струјата. Демонстрантите на местото на собирот дојдоа од три страни на градот, а со носеа голем број транспаренти, зурли и тапани, а беа запалени и повеќе светлечки факели.

    Барањата беа речиси идентични како и при првиот протест, поништување на одлуката на Регулаторната комисија за зголемување на цената на електричната енергија од 7,4 проценти, а потоа намалување за 46 проценти, беше побарано да се раскине монополот на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се формира ново, независно тело, кое ќе треба да ги верификува услугите на енергетските компании. Како ново барање, кое денес беше изнесено, е Владата да го намали ДДВ за електричната енергија од 18 на 5 проценти.

    Ноќеска на две локации во Тетово беа запалени два автомобили сопственост на ЕВН. Набрзо по настанот, полицијата привела едно лице осомничено дека ги запалил автомобилите. Во текот на денот лицето е пуштено и тоа учествуваше на протесниот собир од каде ги читаше барањата што беа упатени до институциите.

    „Ние постојано зборуваме дека овој проблем треба разумно да се решава за да не им се дава шанса на радикалните и екстрмните елементи. Жално е тоа што се случи. Власта не го сфати сериозно целиот проблем, а граѓаните, додека гледаат како се однесува власта, ќе се однесуваат така. Ваквите работи ги осудуваме бидејќи со нив ни се забива нож в грб на нас и нашата активност од страна на тие луѓе на кои им пречи ова што го организираме. Кренар Османи ноќеска беше повикан на разговор во полиција, но набрзо беше пуштен бидејќи немаше ништо со случајот“, изјави Аријанид Џафери од организациониот одбор на протестот.

    Целиот протест траеше дваесетина минути. Овој пат, за разлика од првиот протест пред една недела, многу малку зе внимаваше на препорачаните мерки за заштита од ковид-19, демонстрантите беа густо групирани, а дел од нив не носеа заштитни маски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира