ДА СЕ ЗАПРЕ ДИВОТО ГРАДЕЊЕ ВИСОКОКАТНИЦИ ВО ВЕЛЕСТОВО, БАРААТ ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ОД ОХРИД

    ДА СЕ ЗАПРЕ ДИВОТО ГРАДЕЊЕ ВИСОКОКАТНИЦИ ВО ВЕЛЕСТОВО, БАРААТ ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ОД ОХРИДЕкологистите бараат големината на објектот да не надминува 50 проценти од вкупната површина на парцелата, а градбите да не се повисоки од П+1. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на охридското село Велестово, заедно со невладините и граѓанските организации од Охридскиот Регион, со петиција побараа од надлежните да запре градењето на високите градби и тие да се прилагодат на препораките на УНЕСКО.

    „Објектите да не ја надминуваат дозволената висина и габарит за да не се нарушува автентичноста на Велестово како препознатлив белег на Охридскиот Регион“, се вели во петицијат поддржана од Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ) која ќе биде доставена до локалната самоуправа на Охрид, Советот на Општина Охрид и инспекциските служби.

    Според екологистите, идните градби во Националниот парк Галичица треба да бидат согласно препораките на УНЕСКО и Планот за управување со Охридскиот Регион, големината на објектот да не надминува 50 проценти од вкупната површина на парцелата, а градбите да не се повисоки од П+1.

    „Ова се барањата кои ги имаме за Велестово, но ќе има и за останатите населени места во Националниот парк Галичица. Доколку Општина Охрид не преземе ништо ќе реагираме и до надлежните министерства па и до УНЕСКО“, вели Борис Џајкоски од еколошкото друштво „Грашница“.

    Жителите на Велестово велат дека во селото на диво се гради 20 години, постојано никнуваат висококатници кои го нарушуваат амбиентот, а опасност има и од свлечилишта поради порозивноста на самиот терен.

    „Амбиентот кој го има Велестово е изгубен и не може да се врати назад. Најубавото планинско село во други услови би било одлична туристичка дестинација. Од друга страна, високите згради се градат една до друга, а Галичица има порозно земјиште па може да доведе до свлечилишта. Селото функционира со септички јами, па фекалиите се слеваат и во Охридското Езеро и во Билјанини извори. Проблем е и водоводната мрежа правена пред 50 години за тогашните услови со 40 домаќинства, а сега се користи вода и за туристички објекти“ , вели Славе Ѓорѓо Димоски од здружението на граѓани „Велестово“.

    Димоски кажа дека објектите во селото ги прават одредени моќници иако таму нема урбанистички план.
    Од Здружението „Енхелеус“ велат дека во селото никнуваат згради, а мештаните немаат вода за пиење, проблем кој го имаат и останатите села во Националниот парк како Коњско и Рамне.

    Никола Киселинов, претседател на туристичката ассоцијација на Охрид, вели дека неконтролираната урбанизација ако не запре ќе го стави Охрид на листата загрозени светски вредности.

    „Негативните последици ќе ги сносат граѓаните на Охрид, а не институциите. Затоа, Општината треба да нè сфати сериозно како граѓански организации и да нè вклучи во тие процеси. Националниот парк Галичица во 2019 година имаше обврска да изработи извештај за дивоградбите, а денес имаме плус 30 отсто повеќе и покрај препораките на УНЕСКО кои стапија на сила во 2020 година. Тоа значи неконтролираната урбанизација продолжува и понатака“, вели Киселинов.

    Во Националниот парк Галичица има над 500 дивоградби. Во општинскиот регистар на дивоградби, пак, тој број е дупло поголем.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира