ДЕБАР МААЛО ПАК БЛОКИРАНО ОД ЛЕТНИ ТЕРАСИ, ГЕРАСИМОВСКИ ЌЕ ЈА ЗАТВОРА БОЕМСКА УЛИЦА И ЌЕ НОСИ НОВ ПРАВИЛНИК КАКОВ ШТО БАРААТ КАФЕАНЏИИТЕ

    ДЕБАР МААЛО ПАК БЛОКИРАНО ОД ЛЕТНИ ТЕРАСИ, ГЕРАСИМОВСКИ ЌЕ ЈА ЗАТВОРА БОЕМСКА УЛИЦА И ЌЕ НОСИ НОВ ПРАВИЛНИК КАКОВ ШТО БАРААТ КАФЕАНЏИИТЕМајки со колички, деца, велосипедисти одат среде улица меѓу коли бидејќи кафеаните целосно ги зазеле тротоарите, па дури и ги заградиле со прегради. (Фото: СДК.МК)

    Тротоарите во Дебар Маало во центарот на Скопје повторно се заземени од летни тераси на кафеани и никој не ги казнува затоа што узурпираат јавна површина. Мајки со колички, деца, велосипедисти одат среде улица меѓу коли, бидејќи дел од кафеаните целосно ги зазеле тротоарите, па дури и ги заградиле со прегради и ги претвориле во кафеани.

    Освен што узурпираат јавна површина, што е спротивно на правилникот кој го донесе ексградоначалникот Саша Богдановиќ, тие не ни плаќаат такса на Општината. Според правилникот кој е на сила, ниту еден од кафеанџиите не може да добие дозвола за летните тераси онакви какви што се сега, распространети на сите страни, туку треба да имаат само неколку маси. Затоа кафеанџиите бараат од градоначалникот Горан Герасимовски да се смени правилникот на Богдановиќ со кој се најавуваше воспостување на ред во Дебар Маало.

    Од кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека се запознаени со состојбата во Дебар Маало со паркирани возила и урбаната опрема и како мерка која ќе ја преземат е затворање за сообраќај на  Боемска улица. Не кажуваат зошто не казнуваат што дел од кафеанџите ја заземаат цела улица, а за тоа немаат дозвола.

    „Во моментов, се разгледува барањето од сопствениците на локали за измени на постоечкиот правилник, по кој моментално постапува и Општина Центар, и донесување на нов, ревидиран правилник за поставување на урбана опрема. Барањето на угостителите е поддржано од 20-тина советници во Советот и истото е во процедура. Сопствениците и управителите на локалите започнаа да поднесуваат барања за поставување на урбана опрема по постоечкиот правилник до Општината и доколку ја поседувааат целата потребна документација и е испочитувана постапката, Општината ќе им издаде одобренија за користење на јавна површина“, велат од Општина Центар.

    Од Општината не одговорија на прашањето дали сè уште само двајца кафеанџии имаат платено за поставување летни тераси, а со тоа и дозвола за работа.

    Кафеанџиите од Дебар Маало бараат нов правилник оти, како што велат според, постојниот лошо им се одразува на работењето. Бараат да се дозволи поставување маси и столици и на површина со помала ширина од 1,5 метар, (сега е дозволено минимумот да биде 2,5 метри), да не се бара согласност од станари за летна тераса, да се постават платформи на земја, како и да се откупи паркинг простор на „Паркинг Општина Центар“ за да се стават дополнителни маси.

    Според досегашниот правилник донесен пред две години, Општината има право да кажува и одредува каде е дозволено, а каде не е дозволено да се поставува урбана опрема. Газдите на локалите за да имаат тераса пред локалот треба да имаат дозвола од 50 отсто од станарите на зградата. На површината каде се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки.

    „На оние тротоари каде има дрвја, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри“, стои во Правилникот за урбана опрема со важност од 2020 до 2025.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира