ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ДЕНЕСКА НЕ ГО СОБИРААТ СМЕТОТ ОТИ ШЕСТ МЕСЕЦИ НЕ ИМ СЕ ПЛАТЕНИ ПРИДОНЕСИТЕ

    ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ДЕНЕСКА НЕ ГО СОБИРААТ СМЕТОТ ОТИ ШЕСТ МЕСЕЦИ НЕ ИМ СЕ ПЛАТЕНИ ПРИДОНЕСИТЕНа денешниот протест излегоа шеесетина од вкупно 280 вработени во „Комунална хигиена“ и кажаа дека нема работат додека не се реши проблемот (Фото: СДК.МК)

    Шеесетина вработени во РЕ „Комунална хигиена“ при ЈКП Тетово денеска не излегоа да го собираат сметот бидејќи шест месеци не им е извршена уплата за здравствено и пензиско осигурување. Покрај тоа што земаат мали плати, трошоците кои сега ги имаат за набавка на лекарства уште повеќе го оптоваруваат нивниот домашен буџет, а велат и дека им доцни една плата.

    „Најмногу нѐ погодува тоа што не ни се платени придонесите за здравствено осигурување, па сега лекарствата мораме да ги земаме приватно. Место 300, сега давам 2.500 денари за лековите. Од раководството минатата недела ни ветија дека ќе се реши оваа состојба, но до денеска ништо не е направено. Денеска камионите за собирање смет останаа во гаражите и така ќе биде сѐ додека не се реши оваа состојба. Кога ќе се реши, ние веднаш продолжуваме со работа“, велат работниците од ЈКП.

    Тие бараат од државата, како што изминативе месеци им помогна на другите претпријатија, да додели финансиска помош и на јавните комунални претпријатија.

    Од раководството на РЕ „Комунална хигиена“ на ЈКП Тетово велат дека протестираат само шеесетина од вкупно 280 вработени во претпријатието, а кои исто така шест месеци немаат здравствено и пензиско осигурување.

    „Претпријатието шест месеци работи со загуба поради пандемијата на ковид-19. Се соочуваме со загуба од 26 милиони денари поради неплатени сметки од страна на граѓаните. Само за придонеси се потребни осум милиони денари. Ние непрекинато работевме во времето на пандемијата, дури и додека траеше полицискиот час, но од друга страна, поради препораките од Владата, не можевме по присилен пат да ги наплаќаме побарувањата. За решавање на оваа состојба треба итно да се направи ребаланс на буџетот на Општина Тетово. Работиме на решавањето на проблемот и со Фондот за здравство, но треба да се почека додека таму не се именува нов директор“, изјави директорот на ЈКП Тетово, Џалал Цека.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира