Две трафостаници во Тетово пред два дена испаднале од системот. Додека кај едната дефектот брзо бил отстранет, втората трафостаница претрпела големо оштетување поради што делови од Тетово во реонот на основното училиште „Андреа Савески-Кикиш“ останаа 30 часа без електрична енергија. Дефектот кај оваа трафостаница бил поправен дури вчера околу 18:30 часот.
„Поради испад на среднонапонски блок, во средата без напон со електрична енергија останаа трафостаниците ‘Кикиш‘ и ‘Тетово 1‘. Екипите на Електродистрибуција веднаш интервенираа на терен и за кратко време го нормализираа напојувањето на трафостаницата ‘Тетово 1‘, а санацијата на другата трафостаница траеше подолго поради сериозната штета која настана како резултат на испадот“, информираа од Електродистрибуција на ЕВН.
Бидејќи дел на градот остана без струја 30 часа, дел од жителите во овој реон се пожалија дека претрпеле и штети, посебно кај замрзнувачите во кои чуваат храна.
З. АНДОНОВ