ДЕМОЛИРАНИ КЛУПИ И КОРПИ И РАСФРЛАН ОТПАД НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАШКИ КОЛИБИ КАЈ ЕЗЕРОТО МАНТОВО, ВО КОЈ БЕА ВЛОЖЕНИ 280.000 ЕВРА

    ДЕМОЛИРАНИ КЛУПИ И КОРПИ И РАСФРЛАН ОТПАД НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАШКИ КОЛИБИ КАЈ ЕЗЕРОТО МАНТОВО, ВО КОЈ БЕА ВЛОЖЕНИ 280.000 ЕВРАМесто во корпи, посетителите фрлале отпад насекаде (Фото: СДК.МК)

    Посетители кои деновиве престојувале на локалитетот Влашки колиби кај езерото Мантово во Општина Конче зад себе оставиле пустош. Искршиле клупи за одмор, корпи за отпад, но и наменски елементи за приготвување скара. Паралелно оставиле отпад насекаде. Рекреативци кои го посетиле овој локалитет граден и опремен со средства на ЕУ се изненадени од несовесното однесување.

    „Сликата беше разочарувачка. Место во корпи, отпадот го фрлале насекаде. Дел од клупите беа превртени, како и дел од поставените мали бетонски скари“, раскажа една радовишанка која со велосипед била на Влашки колиби.

    Новата урбана опрема беше поставена пред само една година (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Конче информираа дека таму викендов престојувале стотици посетители.

    „Како општина ќе интервенираме, ќе ги санираме штетите и ќе се обидеме да го вратиме локалитетот во првобитната состојба. Правиме пресметка и деновиве ќе пристапиме кон ново оградување на локалитетот, бидејќи заштитната мрежа беше уништена. Во план е да поставиме минисензорни камери за да може да ги детектираме лицата кои несоодветно се однесуваат“, изјави градоначалникот на Конче, Благој Илиев.

    Пред една година беа инвестирани околу 280.000 евра за подобрување на пристапот до браната Мантово и локалитетот Влашки колиби, при што беа направени пешачки патеки и беше поставена нова урбана опрема. Влашките колиби, кои се подигнаа преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, имаа за цел да привлечат туристи и гости на езерото Мантово.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира