ДЕНЕСКА МИ Е СРЕЌЕН ДЕН, НА 29. РОДЕНДЕН СЕ ВРАБОТИВ ВО ГРАД СКОПЈЕ, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР МАТОВСКИ-ЦАКО, МОМЧЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ

    ДЕНЕСКА МИ Е СРЕЌЕН ДЕН, НА 29. РОДЕНДЕН СЕ ВРАБОТИВ ВО ГРАД СКОПЈЕ, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР МАТОВСКИ-ЦАКО, МОМЧЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМЦако ќе работи во секторот за социјална, детска и здравствена заштита и вели дека ќе помогне за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството.(Фото: Град Скопје)

    Александар Матовски-Цако кој има Даунов синдром од денес е вработен во Град Скопје. На неговиот 29 роденден Цако почнува со работа во секторот за социјална, детска и здравствена заштита и вели дека ќе помогне за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството. Цако лани дипломираше на Педагошкиот факултет во Скопје.

    „Денеска ми е среќен ден. Имам визија и се надевам со моето искуство кое сум го имал посетувајќи конференции во неколку европски градови ќе допринесам за поголема заштита на децата и секако вклучување на лицата со попреченост во општеството. Сакам да апелирам до родителите да не се срамат од своите деца, нека им дозволат да грешат, од грешките се учи“, рече Цако на првиот работен ден во Град Скопје.

    Градоначалникот Петре Шилегов рече дека е горд што како градоначалник учествува во уривање на стереотипите и предрасудите поврзани со овие лица.

    „Сметам дека сечиј капацитет може да се искористи и соодветно да придонесе за развој на општеството. Многу често досега, особено во изминативе две години преземаме активности со кои докажуваме дека овој град се грижи за сите свои граѓани без исклучок и подеднакво ги вреднуваме. Во тој контекст, минатата учебна година за прв пат Град Скопје додели парична награда за првенци на генерација од градските средни училишта во категорија за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијаta. Со тоа, на лицата со попречености им овозможуваме еднакви можности за натпревар и признавање на успесите. Исто така за прв пат обезбедивме и стипендии за средношколците со попречености како и образовни асистенти кои им помагаат во наставата“, рече градоначалникот Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира