ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА ВО ОХРИД, НАГРАДАТА „БЛАГОЈА ДРНКОВ“ ЈА ДОБИ АНА АНДОНОВА ЗА „ТРИ“

    ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА ВО ОХРИД, НАГРАДАТА „БЛАГОЈА ДРНКОВ“ ЈА ДОБИ АНА АНДОНОВА ЗА „ТРИ“Наградената фотографија на Андонова. (Фото: СДК.МК)

    Ана Андонова за „Три“ ја доби главната награда „Благоја Дрнков“ на 59. Државна изложба на фотографии „Денови на македонската фотографија Охрид 2021“ што се отвори во Центарот за култура „Григор Прличев“, Во организација на Фото сојузот на Македонија, од над 400 фотографии од 70 автори беа избрани најдобрите 131, а доделени беа награди во повеќе категории.

    Според претседателот Кирил Штрков, Фото сојузот на Македонија којшто годинава слави 75-годишно постоење, како неодминлив дел на македонската култура и историја е последната брана на печатената фотографија пред напливот на дигиталните изложби. Смената на генерации, според него, придонесува да не се прифаќа ваквиот начин на преставување на фотографијата.

    „Ова е изложба на печатена фотографија. Самите автори ги печатат фотографиите. Ние како Фото сојуз ја поттикнуваме таа дејност бидејќи сметаме дека фотографијата е готова кога е испечатена, само тогаш тој авторски печат останува трајно. Имаме материјализирано креативно дело кое авторот до крај го изработува“, вели Штрков.

    Во рамките на изложбата со проекција на слајдови на фотографии од нивното творештво им беше оддадена почест на тројца неодамна починати членови на фото сојузот на Македонија, Душко Јованоски, Драган Тодоровски и Емилијан Иљоски-Емчо.

    „Денови на македонската фотографија“ е резиме на македонското фотографско творештво во тековната година и е најстара фотографска манифестација во земјава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира