Според податоците добиени од Институтот за јавно здравје, во изминатата недела во Тетовскиот регион имало повеќе починати отколку новозаразени со ковид-19. Од 17 мај до вчера, регистрирани се 17 починати и само 14 новозаболени. Од Ковид центарот во Тетово велат дека нема место за паника, бидејќи вакви бројки се резултат на несоодветното и бавно водење на администрацијата.
„Има голем број починати од април и мај за кои не биле комплетирани документите, па тие дури сега се заведени како починати. На пример, во болницата во Тетово во неделата имаше само еден починат, а во извештаите стои дека починале три лица. Од друга страна, нема ни толку многу луѓе на болничко лекување за да има поголема смртност. До неделата, на болничко лекување беа четворица, од кои еден почина. Значи, не станува збор за зголемена смртност во болницата, туку е потребно податоците за починатите побрзо да се ажурираат и доставуваат“, објаснува Гзим Нуредени, координаторот на Ковид центарот.
Според Министерството за здравство, заклучно со 24 мај, во Тетовско има 104 активни случаи на коронавирус. Од почетокот на пандемијата вкупно биле заразени 7.207, а починале 319 лица.
З. АНДОНОВ