ДЕПОНИЈАТА КРАСТА ДА СЕ ОГРАДИ И ДА СЕ ПОСТАВАТ КАМЕРИ ЗА ДА НЕ СЕ ПАЛИ, ДОГОВОРИЈА ЖИТЕЛИТЕ НА ПЧИЊА И ОПШТИНА КУМАНОВО

    ДЕПОНИЈАТА КРАСТА ДА СЕ ОГРАДИ И ДА СЕ ПОСТАВАТ КАМЕРИ ЗА ДА НЕ СЕ ПАЛИ, ДОГОВОРИЈА ЖИТЕЛИТЕ НА ПЧИЊА И ОПШТИНА КУМАНОВОЖители на кумановските села Пчиња, Студена Бара и Вак’в пред една недела излегоа на протест и го блокираа влезот во депонијата Краста. (Фото: СДК.МК)

    Претставници од Општина Куманово, месната заедница на селото Пчиња и на ЈП „Чистота и зеленило“ се дел од работната група која ќе работи на решавање на проблемите предизвикани од депонијата Краста, на која се изнесува сметот од Куманово. Жителите на средбата доставиле 16 барања, а во прв момент ќе се релизираат оние кои се нејнеопходни.

    Уште во текот на неделата ќе се однесат дополнителни количини земја со која ќе се посипува депонијата за да нема пожари во следниот период, ќе се организира акција за чистење на регионалниот пат Куманово-Пчиња, а во септември ќе се врши пошумување на депонијата. Разговаравме и за оградување на депонијата“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.

    Тој најави дека од Советот ќе побараат со ребалансот на буџетот да се обезбедат средства за поставување ограда и видеонадзор околу депонијата и да се изврши приклучување на системот за наводнување за во случај на пожар да може веднаш да се интервенира.

    Од месната заедница велат дека не се работи за барања кои не можат да се исполнат, ниту, пак, се потребни големи средства.

    Прифатени се нашите барања и се надеваме дека ќе бидат исполнети од градоначалникот и Општина Куманово. Доколку не бидат исполнети, повторно ќе ја активираме блокадата. Ние знаеме дека не може да се дислоцира депонијата, па барем да се одржува и правилно да се менаџира, бидејќи ако се продолжи со стариот начин на работа повторно ќе се запали и ќе имаме проблеми“, изјави Дејан Трендевски, претставник на МЗ Пчиња.

    Жители на кумановските села Пчиња, Студена Бара и Вак’в пред една недела излегоа на протест и го блокираа влезот во депонијата Краста, откако голем пожар се закануваше да ги зафати земјоделските површини со жито и да се прошири кон селата. Тие обвинија дека поради ненавремена реакција на ЈП „Чистота и зеленило“ тие со денови се душат во чад и непријатна миризба. Бараат локалната власт да го контролира работењето на депонијата, која е надвор од сите стандарди, за да не доаѓа до вакви еколошки катастрофи.

    Тогаш Советот на Општина Куманово одржа вонредна седница на која побара жителите на Пчиња и околните села да ја тргнат блокадата на депонијата, ЈП „Чистота и зеленило“ во најкраток рок да го изгасне пожарот, а Општина Куманово да формира работна група која во рок 30 дена ќе предложи мерки за решавање на проблемите со депонијата.

    Депонијата Краста треба да се затвори откако за потребите на Североисточниот Регион ќе проработи современата депонија за преработка на отпад во Свети Николе, но тој проект е заглавен со децении.

    С. НИКОЛИЌ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира