ДЕПОНИЈАТА МЕГЛЕНЦИ ДА ВРАБОТИ ПОВЕЌЕ ЧУВАРИ ЗА ДА НЕ ВЛЕГУВААТ СВИЊИ, ПОБАРАА ОД СОВЕТОТ НА БИТОЛА

    ДЕПОНИЈАТА МЕГЛЕНЦИ ДА ВРАБОТИ ПОВЕЌЕ ЧУВАРИ ЗА ДА НЕ ВЛЕГУВААТ СВИЊИ, ПОБАРАА ОД СОВЕТОТ НА БИТОЛАНа депонијата со површина од шест хектари по работното време има само еден чувар, па животни слободно влегуваат (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вработување уште чувари на депонијата Мегленци, каде се збира сметот од општините Битола, Новаци и Могила побараа советниците од независната група Поинаку на денешната седница на Советот на Град Битола. За ваква иницијатива се одлучија откако во медиумите пред два месеца беа објавени фотографии и снимки од десетици свињи како јадат на депонијата, а околу има и собирачи на пластика.

    „Посериозно да се гледа на депонијата. Отворете нови работни места во ‘Комуналец’ за одржување на редот во Мегленци. Ни беше кажано дека по 15 часот таму имало само еден чувар. ‘Комуналец’ нека го измени планот за вработување и нека се вработат обични работници или нека изготви план јавното претпријатие да постави камери или каков било систем за 24-часовен мониторинг. Финансискиот трошок за сето ова ќе биде многу мал во споредба со зијанот што го доживува Битола со секое палење на депонијата или хранење на животните“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

    Претседателот на Советот Валентин Груевски изјави дека тоа не е точка на дневниот ред, туку дератизацијата на Мегленци.

    „Кога тоа ќе дојде на дневен ред, директорот ќе објасни што мисли да преземе“, рече Груевски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше за состојбата со депонијата во декември минатата година и објави фотографии од свињи како да се на трпеза. Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски тогаш рече дека во работно време од седум до 14 часот нема свињи и диви собирачи на пластика. Ако влезат, тоа е попладне или предвечер, кога останува само еден стражар, кој не може сам да покрие површина од шест хектари.

    „Најголемиот дел од депонијата е ограден, тие шест хектари, но животните ќе најдат начин да се пробијат и влезат. ‘Комуналец‘ нема вина, напротив коректно работи. Но, однесувањето на некои несовесни лица не можеме да го спречиме“, рече директорот Панде Богоевски.

    Пролетниот дел од дератизацијата ќе се спроведува во март или април.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира