ДЕСЕТ ЈАВНИ ЧЕШМИ ВО ТЕТОВСКИТЕ СЕЛА СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ДЕСЕТ ЈАВНИ ЧЕШМИ ВО ТЕТОВСКИТЕ СЕЛА СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕОд Центарот за јавно здравје препорачуваат водата од овие чешми да не се користи за пиење додека не се дезинфицираат резервоарите и каптажите (Фото: СДК.МК)

    Десет јавни чешми во тетовските села се со неисправна вода за пиење, покажале најновите испитувања направени од Центарот за јавно здравје во Тетово. Од земените мостри било утврдено дека квалитетот на водата не одговарал на потребните параметри за безбедност и квалитет. Поради тоа, од Центарот препорачуваат оваа вода да не се користи за пиење додека не се дезинфицираат резервоарите и каптажите од каде што селата се снабдуваат со неа.

    „Лабораториската анализа за безбедност и квалитет утврди дека водата не одговара за пиење на неколку места во селата Теарце, Доброште, Селце, Вејце и Ѓермо“, се вели во соопштението на Центарот за јавно здравје до Центарот за управување со кризи.

    Според д-р Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во Центарот за јавно здравје во Тетово, станува збор за микробиолошка неисправност.

    „Забележано е присуство на доминантно колиформни бактерии, кои не се од фекално потекло, но се индикатор дека ако не се дезинфицира водата, може да настанат проблеми по човековото здравје, посебно во гастро-интестиналниот тракт (внатрешни органи). Причини за ваквите појави е што соодветно не се одржуваат изворите, каптажите и водоводната мрежа, немањето на заштитни зони околу изворите со вода и невршењето дезинфекција, што најчесто се прави со хлорни препарати. Со вакви појави се среќаваме постојано со години наназад, посебно во летниот период. Ние постојано апелираме до околните општини и до месните заедници од селата редовно да ги одржуваат изворите, каптажите и водоводната мрежа и редовно да се врши хлорирање на водата, но, за жал, во малку села редовно се прави тоа“, вели д-р Давидовски.

    Според шестмесечниот извештај направен од Центарот за јавно здравје, од земените мостри од водата во руралните места, во 65,52% е регистрирана бактериолока неисправнност, а во 11,33% физичко-хемиска неисправност, односно заматеност на водата. Минатата година, токму во овој период, во селото Теарце поради неисправност на водата за пиење над 500 лица се пожалија на стомачни тегоби.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира