ДЕСЕТТИ ДЕН НЕ Е СОБРАНО ЃУБРЕТО ОД КАНТИТЕ ВО СКОПСКИ ХРОМ

    ДЕСЕТТИ ДЕН НЕ Е СОБРАНО ЃУБРЕТО ОД КАНТИТЕ ВО СКОПСКИ ХРОМГрадоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изборната кампања вети дека ќе го исчисти градот за 72 часа. (Фото: СДК.МК)

    Десетти ден не е собрано ѓубрето од кантите за индивидуално домување во скопската населба Хром. Преполните канти со денови стојат на улиците. Околу нив има кеси бидејќи повеќе сметот не го собира во кантите, па мачки и кучиња го развлекуваат ѓубрето низ улиците.

    „Чисто Скопје значи редовно да се собира ѓубрето и од кантите за индивидуално домување, а не само од контејнерите на главните улици. Ѓубрето беше собрано пред десет дена, во петок навечер и сега со денови кантите ни стојат на улица. Кај нас нема никакво подобрување и понатаму по десет дена не доаѓа камион да ги испразни кантите. Нема никаков ред не знаеме кога ќе дојдат комуналците. Со години, ѓубрето од населбите според планот на работа на ‘Комунална хигиена‘ се собираше два пати неделно. Но, со доаѓањето на функција на ексградоначалничката Данела Арсовска таа пракса престана, па се случуваше и по три недели да не се испразнат кантите. И еве таа пракса продолжува“, велат жителите на населбата Хром.

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изборната кампања вети дека ќе го исчисти градот за 72 часа. По стапување на функцијата организираше акција со механизација од другите градови, по што рече дека акцијата била успешна.

    Неколку дена подоцна, Ѓорѓиевски при обиколка на центарот на градот заедно со премиерот Христијан Мицкоски кажа дека имаат проблеми со камионите за собирање ѓубре.

    „Многу голем проблем имаме само со контејнерите. Ем пари одат за поправки, ем цело време се расипуваат“, рече Ѓорѓиевски.

    За решавање на проблемот со преполните контејнери низ градот, Советот на Град Скопје на седницата која се одржа на 14 ноември донесе одлука за забрана на фрлање ѓубре во контејнерите од 22 до 6 часот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира