ДЕТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ НЕ МОЖЕ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ДОМА, ОТИ ГАРАЖАТА НА СОСЕДОТ ГО БЛОКИРА ПАТОТ

    ДЕТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ НЕ МОЖЕ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ДОМА, ОТИ ГАРАЖАТА НА СОСЕДОТ ГО БЛОКИРА ПАТОТДевојчето кое има шест операции на ногата, остана без козјото патче кое е единствениот прооден пат до дома (Фото: принтскрин од видео објавено на фејсбук)

    Тринаесетгодишно девојче со посебни потреби во Кавадарци не може да излезе од дома поради блокираниот пристап до дома, откако соседот почнал да гради гаража, токму на влезот во нивниот двор. Кавадарчанецот Игор Илиоски, самохран родител на две деца кому сопругата му е почината, вели дека подолг период се жали до надлежните во Општината.

    „Моето дете кое се води како дете со посебни потреби и помина шест операции на ногата, остана без козјото патче кое води до нашиот дом. А тоа ни е единствениот прооден пат до дома. Општината Кавадарци место да обезбеди полесен пристап кон домот на моето дете на кое уште не му е во целост решен здравствениот проблем, дозволи да се легализира ова козјо патче и сега луѓето на кои Општината им го легализира не ни дозволуваат да дојдеме до сопствениот дом”, реагира Илиоски, чија ќерката е Јована во септември очекува уште една операција на ногата и се движи седејќи или со количка.

    Тој нагласува дека таа патека се користи 36 години и Општината „не најде начин да направи улица”.

    Општина Кавадарци вели дека проблемот на улицата Лазо Асијата не е скорешен, оти постои со години, а дека Општината е активно вклучена и се труди да најде соодветно решение во интерес на сите засегнати страни. Според нив, пробемот е резултат на неконтролираното и диво градење, присутно со децении. За надминување на проблемите на жителите, Општината вели дека постапувала согласно важечката законска регулатива. Спорниот премин правно-формално не постоел согласно важечкиотДУП. Истиот бил дел од градежна парцела.

    „Но за да најде решение на проблемот, превземени се дејствија согласно кои на жителите од тој дел на градот им е пробиен пат по трасата на локалитетот Тепето. Оваа новопробиена улица, која како привремено решение навидум минува низ ниви, треба да се нагласи дека е трасирана во урбанизиран простор на градежно неизградено земјиште. Но жителите од таа улица истата можат да ја користат за пристап со автомобили, како и за дотур на градежни материјали и други предмети. Истите тие граѓани имаат на располагање, друга улица која е поплочена и изградена на земјиште на Република Македонија според важечкиот ДУП. Но таа улица минува покрај капелата на јужната страна од муслиманските Турски гробишта. Оваа улица моментално може да се користи само за пешаци, бидејќи Исламската верска заедница има поставено метална порта која спречува движење на возила од секаков вид, но улицата може да се користи за пешаци иако за неколку десетина метри е подолга од спорниот премин на приватниот имот. Пред неколку години, улицата покрај муслиманските гобишта беше проодна и за автомобили, но при дотурот на градежни материјали за изградбата на дел од куќите, камионите на неколку пати ја оштетуваа водоводната и канализационата мрежа за капелата, по што ИВЗ Кавадарци се реши за блокирање на улицата само за возила”, стои во писменото објаснување од Службата за односни со јавноста на Општина Кавадарци.

    Од локалната самоуправа велат дека и Општината и градоначалникот и натаму посредуваат во надминување на проблемот сѐ до конечното решение, за што апелираат „на разумност и човечност од сите вклучени страни“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира