ДЕТЕТО ИЛИЈА ГИГОВ ОД ВЕЛЕС, КОЕ ПРОНАЈДЕ И ВРАТИ ШТЕДНА КНИШКА СО 46 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ, ДОБИ БЛАГОДАРНИЦА ОД ПОЛИЦИЈАТА

    ДЕТЕТО ИЛИЈА ГИГОВ ОД ВЕЛЕС, КОЕ ПРОНАЈДЕ И ВРАТИ ШТЕДНА КНИШКА СО 46 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ, ДОБИ БЛАГОДАРНИЦА ОД ПОЛИЦИЈАТАПарите и книшката тој ги пронашол на враќање од училиште и веднаш им кажал на своите родители, кои без размислување го пријавиле случајот во полиција. (Фото: СВР Велес)

    Четиринаесетгодишниот Илија Гигов од Велес, пред експозитура на банка во центарот на градот, пронашол штедна книшка во која имало и 23 банкноти од по 2.000 денари. Парите и книшката ги пронашол на враќање од училиште и веднаш им кажал на своите родители, кои без размислување го пријавиле случајот во полиција. По ова, изгубените предмети набргу му биле вратени на сопственикот. Овој чесен чин денеска беше пофален од страна на СВР Велес, која на Денот на македонската полиција – 7 Мај, преку началникот Бране Паласков, му додели благодарница на младиот Илија.

    „Илија Гигов со својата постапка покажа дека најважни одлики во животот на еден човек се чесноста, одговорноста и добрината. Пред неколку дена, овој мал јунак со големо срце одржа лекција како за своите врсници, така и за возрасните. Илија, иако има само 14 години, со својата хуманост покажа високо ниво на морални вредности, вредни за почит и благодарност. Неговата постапка претставува пример и инспирација за сите нас“, кажа Паласков.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира