ДЕЦА СО АТИПИЧЕН И ТИПИЧЕН РАЗВОЈ СЕ ДРУЖЕА КАКО ЕДНО ВО БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА

    ДЕЦА СО АТИПИЧЕН И ТИПИЧЕН РАЗВОЈ СЕ ДРУЖЕА КАКО ЕДНО ВО БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНАНа настанот никој не беше изолиран, осамен, стигматизиран, туку сите интегрирани“, рече директорот на Зоолошката градина, Жарко Тренкоски (Фото: Фејсбук страница на „Рилука“)

    Се воодушевија од животните, ги имитираа нивните звуци, се смееја, се фотогрфираа со пони коњче, пееја песнички, а доживувањата ги насликаа и на цртежи. Се чувствуваа прифатени од средината. Триесетина деца со атипичен и типичен развој учествуваа на интерактивниот час во Зоолошката градина во Битола, организиран како јавен настан, со цел интеграција на дечињата во општеството.

    Едукативното дружење го организираа Зоолошката градина и здружението на психолози „Рилука“, на која, покрај нивните членови, се приклучија и родители со деца кои случајно во тоа време ја посетија градината. Имаше дечиња со аутистичен спектар, Даунов синдром и други атипичности.

    Ова значи дека и децата со аутистичен спектар се чувствуваат како другите, дека треба да се вклучат во сите активности од јавен карактер, да почувствуваат дека припаѓаат во општеството. За време на настанот и потоа забележавме дека дечињата беа многу среќни, исполнето со чувствуваа. Ги видоа сите животни, ги имитираа звуците на волкот и лавот, цртаа, боеја, пееја. Мојот син Лука ја испеа неговата песна, други дечиња кои пееја на фестивал ги испеаја нивните песнички. Се чувствуваа значајни и видени од другите деца, прифатени“, вели Ирена Николовска-Ристановска од здружението „Рилука“, која е родител на дете со аутистичен спектар.

    Зоолошката градина широко ги отвори вратите за дечињата со атипичен развој. На сите им додели бесплатен годишен билет. Во организација со други спонзори, обезбедија подароци по претходно добиен список со желби. Разгледувањето на Зоолошката беше во придружба на зоо-негувател, потоа дечињата имаа едукативен час во Селската куќа, која е во склоп на градината, а на крај и забава со песнички на бината.

    Вратите им се отворени секогаш кај нас. Не им наплатуваме влезници на дечињата со атипичен развој. Имаме пони коњче, сакаме да го дотераме за да имаме прошетки со него. Од стручни лица беше укажувано дека јавањето коњи и дружењето со нив би му помогнало на таков тип деца. Сакаме да придонесеме за интеграција. На настанот никој не беше изолиран, осамен, стигматизиран, туку сите интегрирани“, рече директорот на Зоолошката градина, Жарко Тренкоски.

    Здружението „Рилука“ секои вторник, среда и четврток од 18:30 до 19:30 часот организира социјален час на кој учествуваат родители со деца со атипичен и типичен развој.

    Секогаш објавувам јавно и повикувам дека сите родители и нивните дечиња се добредојдени. Честопати сретнувам мајки низ град кои ми велат ‘сакам многу да го донесам моето дете на средбата, но се плашам да не му е непријатно’. Има неточни размислувања дека децата со атипичен развој се агресивни. Неинформираноста ги оддалечува од нас. На социјален час секој може да се вклучи. Фалат вакви настани“, вели Николовска-Ристановска.

    Настанот треба да биде мотивација и за другите институции да ги вклучат дечињата со атипичен развој во јавните настани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира