ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО СТРУШКО ЌЕ ДОБИЈАТ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ, ЕДУКАЦИЈА И НЕГА

    ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО СТРУШКО ЌЕ ДОБИЈАТ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ, ЕДУКАЦИЈА И НЕГА

    Струга ќе добие Дневен центар за престој на децата со посебни потреби. Во тек е ентериерното уредување на објектот каде овие деца ќе бидат згрижени и ќе имаат дневни активности.

    Иницијатор е стружанецот Ергин Борова, кој три децении живее во Холандија, а кој пред две години за оваа цел го преплива Охридското Езеро, по што успеа да обезбеди средства од меѓународни донации и да добие поддршка од Општина Струга.  Според најавите Дневниот центар за згрижување, едукација и нега на 20- тина деца со посебни потреби ќе биде отворен следниот месец.

    „Општината ќе ни гарантира храна за сите деца во текот на целата година, а за сите други дополнителни активности за овие деца ќе бараме донации, ќе пишуваме и проекти со повеќе невладини организации за да можеме на тој начин да даваме и повеќе, а не само минимални услови за децата“, вели Борова.

    Борова вели дека на почетокот Центарот ќе функционира како дневен престој, а се планира да прерасне во дом за перманентен престој на потешките случаи и оние лица за кои родителите не се веќе во состојба да се грижат.

    „За да се изгради поголемиот објект и за дневна нега и за постојан  престој ќе ни требаат и повеќе пари, и повеќе донации и повеќе време. За тој дел од проектот сме во разговор и со Министерството за труд и социјална политика кои што во законските рамки имаат можност да не финансираат и да може да градиме но и да финансираат за одржување на објектот“, додава Борова.

    Според Борова, целта е да се обезбеди пристоен живот за децата со посебни потреби во струшко, а идејата ќе се реализира и преку донации и проекти од меѓународни фондови.

    Лицата со попреченост во Струга повеќе од една година немаат едукација и социјализација по затворањето на дневниот центар „Порака Нова“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира