ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕ ОСТАНА БЕЗ ВОДА, ЗА МИЕЊЕ ИМА ЦИСТЕРНА, ЗА ПИЕЊЕ ДОБИВА ДОНАЦИИ

    ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕ ОСТАНА БЕЗ ВОДА, ЗА МИЕЊЕ ИМА ЦИСТЕРНА, ЗА ПИЕЊЕ ДОБИВА ДОНАЦИИНе станува збор за дефект туку, бидејќи болницата се наоѓа во висока зона, нема вода исто како и целата населба Водно. (Фото: СДК.МК)

    Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје денеска остана без вода. Изминативе денови во болницата имале слаб притисок, а од утрово снемало целосно вода. Не станува збор за дефект туку, бидејќи болницата се наоѓа во висока зона, нема вода исто како и целата населба Водно.

    Директорката на болницата Катерина Бошкова за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека функционират со цистерни со техничка вода која им ја донеле од ЈП „Водовод и канализација“.

    Засега функционираме, се примаат пациенти, единствено не работи лабораторијата за венска крв. Од цистерни имаме вода за миење и чистење, а за пиење добивме донации. Ни рекоа дека проболемот е тоа што сме во висока зона, а поради топлото време и големата потрошувачка се јавува недостиг. Се надеваме дека проблемот наскоро ќе се реши“, вели Бошкова.

    Веќе трети дена без вода е населбата Водно. Жителите на улицата Салвадор Аљенде велат дека никој не одговара на нивните повици за помош, ниту е донесена цистерна со техничка вода.

    Живееме во камено доба. Ни велат дека само имало голема потрошувачка, се полнеле базени и се полевале ниви, а решение нема. Децата сега ќе ги носам во Карпош да ги избањам, бидејќи три дена нема капка вода. Дојде синоќа околу 2 часот по полноќ и утрово повторно снема. Од Општина Центар ми спуштаат телефон кога се јавувам да ги пријавам проблемот, а од ‘Водовод‘ само велат дека голема била потрошувачката“, вели жителка на Водно.

    Од Општина Центар велат дека градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски е во постојана комуникација со жителите на Водно и бараат од ЈП „Водовод и канализација“ веднаш да интервенира и да го реши проблемот со водоснабдувањето на Водно.

    Општина Центар информира дека цистерната со која располага не е наменета, ниту ги исполнува санитарните услови за транспорт на вода за пиење или за други лични намени, и од тие причини не може да се користи за снабдување на граѓаните. Обезбедувањето и дистрибуцијата на питка вода со цистерни е исклучиво во надлежност на Водовод и канализација, бидејќи ги исполнуваат здравствените и санитарни стандарди Во моментов, ЈП Водовод и канализација е задолжено да обезбеди цистерна со питка вода, која ќе се движи низ населбите сè додека не се реши проблемот со редовното водоснабдување“, велат од Општина Центар.

    Од ЈП „Водовод и наканлизација“, откако почнаа високите температури, испраќаат апели за рационално да се користи водата, но решение за проблемот немаат.

    Во моментов, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода на некои улици. Дивите приклучоци секако дека имаат негативно влијание на состојбата на системот и водоснабдувањето, но за таа цел се организираат акции за нивно откривање. Апелираме до граѓаните да го намалат некорисното трошење на вода како и откривање и прекинување на диви приклучоци, се со цел нормализирање на градскиот водоводен систем.“, велат од „Водовод“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира