ДИВИ КОПАЧИ НА ПЛАДНЕ БАРАЛЕ ЗЛАТО ВО БАШИНО СЕЛО И ГО ОШТЕТИЛЕ ВОДОВОДОТ

    ДИВИ КОПАЧИ НА ПЛАДНЕ БАРАЛЕ ЗЛАТО ВО БАШИНО СЕЛО И ГО ОШТЕТИЛЕ ВОДОВОДОТСелото неколку часа беше без вода поради кршењето на цевката (Фото: СДК.МК)

    Диви копачи ја оштетиле водоводната цевка во Башино Село додека барале скриено богатство и ги оставиле мештаните без вода повеќе часа. Тие се изненадени од дрскоста на сторителите, кои на пладне со ангажирана механизација го барале богатството.

    Двајцата диви копачи некаде нашле мапа дека тука има старо злато. Среде ден копаа, и тоа со багер. За да се маскираат, носеа маички и беџови како да се вработени во велешкото комунално претпријатие. Притоа ја скршија главната водоводна цевка и повеќе часа немавме вода за пиење. Кога го прашавме багеристот што работат, тој побегна во една куќа. Тогаш ни стана сомнително и пријавивме во полиција. Тие дојдоа и ги уапсија“, вели жител на Башино Село.

    Од ЈКП „Дервен“ информираа дека тие во посочениот период не вршеле никаква активност на водоводот во селото.

    Во четвртокот наши екипи не беа во Башино Село заради интервенции, оти водоводот не е под ЈКП ‘Дервен‘. Подоцна, кога се скршила цевката, побарана е интервенција и наши вработени работеа на санирањето“, кажаа од ЈКП „Дервен“.

    Од велешката полиција потврдија дека имало пријава за уништување на јавна инсталација, по што заминале за Башино Село, каде уапсиле две лица.

    На 30 јуни во Башино Село, Велешко, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода С. И. (46) од село Бузалково, Велешко и М. Ј. (35) од Велес. Тие биле затекнати со багер при ископ на земја на улицата Браќа Петковиќ, со што предизвикале оштетување на водоводна инсталација и настанал прекин во снабдувањето со вода за целото село. Лицата се приведени во полициска станица“, соопштија од СВР Велес.

    По целосно документирање на случајот, во консултација со јавен обвинител, против двајцата сторители ќе биде поднесена соодветна пријава.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира