ДИВОГРАДБИ СРЕДЕ РЕКА ЈА ЗАПРЕА РЕГУЛАЦИЈАТА НА ЛИПКОВКА ВО КУМАНОВО, КОЈА СЕ ПРАВИ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОПЛАВИ

    ДИВОГРАДБИ СРЕДЕ РЕКА ЈА ЗАПРЕА РЕГУЛАЦИЈАТА НА ЛИПКОВКА ВО КУМАНОВО, КОЈА СЕ ПРАВИ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОПЛАВИЖителите на Куманово велат дека дивоградбата која ја запре регулацијата на Липковка никнала пред очите на инспекцијата и никој не реагирал (Фото:СДК.МК)

    Повеќе од еден месец запрени се градежните работи за регулација на реката Липковка во кумановската населба Средорек, поради дивоградбите, тесното корито на реката и испустите на фекална и атмосферска канализација.

    Регулацијата на Липковка се прави за да се намалат ризиците од поплави со проект на УНДП и Општина Куманово, вреден милион евра. Работите се запрени на првата делница, односно на потегот од вливот на река Кумановка во Липковска река до мостот кај автобуската станица.

    Од УНДП за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека компликациите настанале бидејќи речното корито на Липковска река со децении било многупати поместувано и значително стеснето, па останало многу малку простор за решенија, кои реално можат да се изведат.

    “Дел од проблемите се појавија по расчистување на коритото од неколкуметарскиот отпад и друг материјал. Претходно не ни беше познато на кои места точно се наоѓаат некои од испустите на фекалната и атмосферската канализација. Со најновите измени на техничкото решение, се обидуваме да ги вклопиме во новиот проект, за да може да се обезбеди функционалност на старата и новата инфраструктура. За подобро да се обезбеди теренот и да се заштитат дел од објектите по должината на речното корито, со измените на проектот ќе има мерки за дополнително зајакнување и потпирање. Безбедноста тука е клучна, особено на објектите што, за жал, веќе се изградени во самото речно корито“, вели Димитрија Сековски, раководител на проектот во УНДП.

    Жителите од неколку згради од локалитетот Водовод, каде се наоѓа тесното грло на реката, бараат Општина Куманово да ја урне дивоградбата во коритото на Липковка. Тие ова го бараат за да може непречено да продолжи регулацијата на реката. Жителите од овие згради кажуваат дека во претходните поплави тие најмногу биле погодени и дека сега дополнителен проблем е бесправно изградениот објект, кој буквално никнал пред очите на инспекцијата. Тие велат дека случајот неколку пати го пријавиле во Општината, барале отстранување на дивоградбата, но никој не реагирал.

    „Објектот почна да се гради забрзано пред 5-6 месеци, во исто време кога почна и регулација на реката. Последниве недели ја ставија фасадата и го варосаа за да изгледа дека е завршен. Кога го поставија камениот ѕид во реката и ние пријавивеме, ни рекоа дека се штителе од поплави. Подоцна почна да ѕидаат и никој не реагираше. Сега кога објектот е готов и создава тесно грло во речното корито, сакаат да ја поместат реката кон зградите, а нема ни два метри простор. Водата ќе ја поткопа зградата и ќе не поплави уште при првите пообилни врнежи ако не се урне спорниот објект“, велат станарите.

    Сековски тврди дека работите за регулација на Липковка ќе продолжат за неколку дена. Се надева дека со поддршка од сите релевантни партнери тековно ќе ги решаваат проблемите, за да се избегне дополнително доцнење на проектот.

    „Работите на терен суштински никогаш не прекинаа, иако имаше застој поради посочените технички причини. Едниот од изведувачите кој работи на регулација на втората делница од реката на потегот од мостот кај автобуската станица до стадионот Башкими веќе е вратен на градилиште. За неколку дена очекуваме работите да продолжат и на првата делница“, вели Сековски.

    Тој смета дека нема да има штета од пролонгирањето на работата, туку дека времето го искористиле за да најдат решенија за ублажување на штетите од идни поплави.

    „Моменталната состојба на реката не ги задоволува потребните стандарди за заштита од поплави, што му дава на проектот огромна важност за градот. Се надеваме дека по завршувањето на првите две делница од реката, заедно со надлежните, ќе бидеме во можност да ги обезбедиме потребните средства за комплетирање и на третата фаза на проектот, од стадионот до автопатот“, кажа Сековски.

    Проектот за намалување на ризикот од поплави во Општина Куманово се реализира преку УНДП, со пари од Министерството за животна средина, Општина Куманово и амбасадата на Јапонија, кои обезбедија по околу 200.000 евра. Неговата реализација почна на 11 јули годинава, а требаше да заврши до крајот на годината. Досега се завршени само 178 метри од првата делница, а вкупната должина за регулација на речното корито е 1.8 километи, од автопатот Куманово-Табановце до вливот на Липковка во Кумановка.

    С. НИКОЛИЌ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира