Град Скопје работи на уредување на паркот во Карпош 4 покрај кејот на реката Вардар, кој беше почнат во време на ексградоначалничката Данела Арсовска, но оставен недовршен. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека паркот го затекнале со оставена депонија, без поставена хидрантска мрежа за тревата, со исушени дрвја.
„Поставуваме целосна хидрантска мрежа таму. Се проверува каде завршиле пари за овој парк. Таму ништо не беше направено, а сериозни пари биле потрошени. Паркот со површина од 72.000 метри квадратни ќе биде готов до крај на годинава, ќе има доста содржини и спортски терени, нешто што недостасува во тој дел. Со ова го заштитуваме просторот, на некој после нас да не му текне да нацрта маркици таму. Имаше шпекулации дека тука ќе имало ‘Скопје на вода‘, но еве се виде дека нема да има згради туку парк“, рече Ѓорѓиевски пред 4 дена на седницата на Советот на Град Скопје одговарајќи на советнички прашања.
Тој кажа дека зеленилото низ градот е исушено затоа што на многу локации нема поставено хидранска мрежа, односно се садело трева, а не се поставувал систем за наводнување.
А. АНТЕВСКА



