По долги години изработка на проекти, административни процедури и истражувања, експертите денес најавија дека до крајот на годинава ќе заврши комплетната конзервација на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, светски позната по врвниот дострел во ѕидното фрескосликарство зачувано од 12 век. Привршува конзервацијата на архитектурата, а во тек е и заштитата на ѕидното сликарство која ја изведува Завод и музеј од Битола во соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција.
„Пред две години започна заедничкиот пат на експертите од двете соседни земји кои за првпат се среќаваат на вака високо ниво. Заедничката работа на колегите од Солун и Битола ни донесе високостручна конзервација на фрескоживописот од 12 век и на оригиналните фрески, меѓу кои и онаа на Архангел Гаврил, познатиот Ангел од Курбиново. Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а ги добивме токму сега. Храмот конечно добива долгорочна заштита, а византиското културно богатство достојна грижа и афирмација“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денес присуствуваше на презентацијата на резултатите од соработката на македонските и грчките експерти во Курбиново.
Директорката на Завод и музеј-Битола, Мери Стојанова, соопшти дека од мај годинава двата стручни тима работат на конзервација на ѕидното сликарство. Во изминатиот месец се работеше на опшивање и инјектирање на живописот. Сега ќе се направи мала пауза за да се завршат активностите за конзервацијата на архитектурата и ќе се продолжи со работа веројатно во втората половина на јули со конзервација на ѕидното сликарство.
„Активностите е планирано да завршат до крајот на годината, па ќе имаме еден завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект по однос на архитектура и ѕидно сликарство“, рече Стојанова.
На терен беа користени најсовремени техники на истражување, меѓу кои и ласерско скенирање за да се добијат прецизни графички цртежи на ѕидното сликарство.
„Нашиот институт започна со реализацијата еден детален проект за истражување со сите детали на толку важен споменик. Беше набавена најсовремена скапа опрема за сите анализи што ги направивме, се доби одобрение за работа. Се надеваме дека до крајот на годината ќе се заврши. Работат врвни експерти од двете страни на границата и тоа доведува до одлична соработка и краен резултат за овој толку важен споменик“, рече Флора Карајани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.
Ж. ЗДРАВКОВСКА